Новинарскиот пленум во понеделник во 18:00 часот во Клубот на новинари организира дискусија за состојбата, професионалниот интегритет и обврските на МРТВ како јавен сервис. На дискусијата го покануваме и уредничкиот тим на Македонската радио телевизија на кој и преку СМС пораки им испративме покани пред една седмица. Воедно ве информираме и дека досега не добивме одговор на нашите директни покани до главниот уредник Горан Петревски и неговите заменици Билјана Василева Трендафилова и Стојан Трпчевски на кои им пративме пораки. Единствено новинарот Душко Арсовски не информираше дека веќе два месеца не е дел од уредувачкиот тим.
Потсетуваме дека МРТВ како радиодифузен сервис според законот е обврзан да биде независен од кој било државен орган или политичка партија и треба уредувачката политика да биде непристрасна кон нив. Законот за медиуми и Аудиовизуелни медиумски услуги, ги дефинира обврските на МРТ според кои таа е должна да обезбеди постојано, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање согласно професионалните стандарди и Етичкиот кодекс на новинарите, да не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија и програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ.