Новинарот Томислав Кежаровски вечерва по итна постапка ќе биде префрлен на издржување затворска казна, откако Апелација вчера досуди 2 години затвор.
Со оглед дека во целокупната казна му е пресметен и притворот на Кежаровски за издржување му остануваат уште 3 и пол месеци.Во моментов во домот на новинарот е дојдена полиција за да го пренесе Кежаровски кон затворот.
Како што дознава „Фокус“, спроведувањето на Кежаровски ја изненадило целокупната јавност бидејќи неговиот адвокат Филип Медарски се уште не ја примил одлуката на второстепениот суд. Според наши информации, одлуката на Кежаровски лично му ја доставила полицијата. Одлуката за итно спроведување во затвор ја донел судија за извршување на санкции.
Новинарските здруженија денеска го изразија револтот пред Аплеациониот суд во Скопје од одлуката со која на новинарот Томислав Кежаровски му беа одредени две години затвор, односно намалена првичната казна од четири и пол години. Во вторник пак, новинарите ќе излезат на голем протест со цел да ја вратат слободата и за Кежаровски и за новинарството.
Насер Селмани од ЗНМ порача дека новинарите нема да замолчат се додека не ја ослободат професијата и колегата Кежаровски.
„Со пресудата му пресудивте на новинарството. Наместо слобода судот избра политички да калкулира. Наместо да се штитат правата на новинарот Кежаровски, и човековите и професионалните, судот како да се пазарел за казната. И еден ден во затвор за новинар е строга санкција. ВО случајов уште повеќе кога знаеме дека Кежаровски е невин. Судот избра да ја оправда постапката на државата со која е загрозена нашата слобода“- изјави Селмани.
Во првостепената постапка Кежаровски беше осуден на 4 и пол години затвор, а Апелација му ја намали казната на 2 години.