Познатиот политички новинар Зоран Фидановски е номиниран за член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија со тајно гласање го номинирала Фидановски, кој добил мнозинство гласови.
„Со тоа ЗНМ ја исполни обврската да номинира член во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги откако Комисијата за избори и именувања на Собранието на Република Македонија на 3 февруари 2014 година објави известување со кое ги повикува двете мнозински здруженија на новинарите да номинираат по еден член во Агенцијата“, се вели во соопштението на ЗНМ.
На огласот се пријавиле 14 кандидати, од кои тројца во текот на постапката ги повлекле кандидатурите.
Фидановски е дипломиран правник и има над дваесет години новинарско искуство. Во почетокот на новинарската кариера тој работи во печатените медиуми, како што се Вечер, Нова Македонија, Македонија Денес и неделниците Старт и Денес. Од 2002 до 2008 година работел во ТВ Сител, а потоа во телевизија Алфа.