Новинарка на „СДК“ повикана во полиција

by Fokus 14:15
14:15

По покана доставена во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса, новинарката Соња Колевска-Делевска од САКАМДАКАЖАМ.МК денеска беше во полициската станица Беко во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст, пренесе „СДК“.

Лицето што пријавило е државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст во САКАМДАКАЖАМ.МК.

Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“ , објавен на 27 април, 2022. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството.

Во текстот е цитиран извор со име и презиме, а раководителката од Министерството за правда воопшто не е спомната.

Ова е прв случај за напишан текст МВР, иако не е надлежно, да повикува новинар на разговор. Впрочем, и на службениот разговор денеска, тоа го потврди надлежниот полицаец/инспектор.

Во разговорот, службеното лице објасни дека на пријавителката ѝ било укажано оти она што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка.

Пријавителката, иако е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција, а во станицата Беко прифатиле, оти како што ни беше кажано, морале да постапат по секоја пријава од граѓанин.

Фото – Ѓ. Личовски

Поврзани новости