Новинарите земаат ниски плати и се плашат да зборуваат

by fokus

Новинарите се исплашени да зборуваат, исплашени дека ќе ја изгубат работата и 70 отсто од нив би ја напуштиле професијата за некоја друга работа, покажува истражувањето за состојбата на новинарството во регионот „Невидливо насилство: Стории од редакциите”, спроведено во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, објави порталот СДК.

Според новинарката Билјана Секуловска, една од авторите на истражувањето, прва причина зошто 70 проценти од новинарите во регионот би ја смениле професијата е ниските плати, додека на второ место е цензурата во редакцијата.

„Главното прашање во истражувањето беше дали новинарите можат да се занимаваат со својата работа. Прашањето е комплексно и има две причини, пред сѐ има политички притисоци, притисоци во редакциите од страна на уредниците, сопствениците, а на прес-конференции од политичарите“, рече Секуловска.

Истражувањето покажало дека новинарите не можат да работат во нормални услови и да земаат достоинствени плати. Тоа го покажуваат одговорите на новинарите од регионот на прашањето што е новинарот денес?. „Новинарите се рудари што работат за да преживеат“, „Новинарот (во Србија) е застрашен и послушен“, „Новинарот секојдневно се бори со ветерници“, „Новинарот е борец против цензура, автоцензура и притисоци од сите страни“. „Новинарот е синдикалец“, се дел од одговорите на новинарите.

Поврзани новости