Српскиот министер без ресор Велимир Илиќ, откако на прес-конференција упатил погрдни зборови кон новинарката на Центарот за истражувачко новинарство (ЦИНС), Милица Шариќ, ѝ испратил 101 ружа.
Илиќ во четвртокот ветил дека во знак на внимание и извинување ќе ѝ испрати цвеќе, а во петокот тоа го исполнил.
Но, новинарката, во консултација со колегите од редакцијата, решила експресно да го врати цвеќето.
„Ми испрати ружи и ние љубезно се заблагодаривме и ги вративме, бидејќи редакцијата не прима подароци. Едноставно, сакаме политичарите и другите високи функционери да престанат со омаловажување и непрофесионално однесување спрема новинарите“, изјавила Шариќ за Дневно.рс.
Инаку, Илиќ на поставено прашање од страна на новинарката на ЦИНС во четвртокот одговорил: „Бедо една! Дали сте нормални што ме прашувате вакво нешто?“
Прашањето се однесувало на случаите на насилство во кои наводно учествувало обезбедувањето на министерот без ресор.