Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија ги повикуваат сите медиумски професионалци на протестен марш кој ќе се одржи во петок во 10 и 30 часот од пред зградата на Владата до Собранието на Република Северна Македонија.
-На овој марш заеднички и сплотено ќе го изразиме нашето незадоволство од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба…
На маршот, кој за членовите на ССНМ ќе поаѓа од пред канцеларијата на синдикатот, ќе бидат испратени пораки од претставници на ССНМ и ЗНМ, а ќе бидат доставени и следните барања до Владата и до Собранието:
– Итно донесување на неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање
– Јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите
– Крај на агресивниот државен пи-ар
– Поддршка за локалните новинари и медиуми
– Почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници
– Безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници, се вели во повикот од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија.