Пет новинарски и медиумски организации, меѓу кои Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Македонскиот институт за медиуми, Советот на етика на медиумите и Институтот за комуникациски студии, во наредниот период ќе работат заедно да ги убедат сите одговорни да се направат реформите во медиумската сфера пред изборите закажани за 5-ти јуни. За таа цел овие организации во петокот доставија барање за средба со претседателот Ѓорге Иванов, спикерот на Собранието Трајко Вељаноски и со лидерите на политичките партии, потписници на договорот од Пржино.
Како новинари сакаме да го преземеме нашиот дел од одговорноста да работиме заедно со сите заинтересирани институции да обезбедиме слободни и професионални медиуми.

Претседателот има важни надлежности во надворешната политика и се грижи за добриот имиџ на земјата во светот. Во индексот по слобода на медиуми на Репортери без граници и на Фридиом хаус, Македонија е во друштво на африканси земји. Сакаме да работиме со претседателот Македонија пред светот да ја легитимира како слободна и демократска земја Македонскиот Устав гарантира слобода на изразување и слобода на медиуми. Собранието го донесува Уставот и се грижи постојано за доследно применување на неговите одредби. Од таму Собранието може да одигра поголема улога во напорите за подобрување на состојбата со слободата на медиумите во земјата.

Од лидерите на четирите поголеми парти, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, бараме објаснување зошто пропаднаа преговорите за медиумските реформи. Дали проблем за партиите беа мачките на европскиот посредник или пак не им се допаднаа неговите предлози за системски рефоми на медиумскиот систем. Овие лидери, како потписници на договорот од Пржино се обврза да спроведат сериозни реформи во медиумите. Без овие реформи, Македонија нема да има ни слободни, ниту веродостојни избори, а нема да излезе ниту од политичката криза.

Препораката на Европската комисија за започнување на преговори за членство е условена. Таа може да се повлече ако партии доследно не го спроведат договорот од Пржино и не ги реализираат ургентни реформи што се бараат од Европската унија.
Инсистираме САД и ЕУ да бидат вклучени во разговорите како и досега и нивниот предлог, базиран врз нашите ставови, да биде основа околу кој ќе се бара решението.

Нашите основни барање се забрана на владини реклами, МРТ и Агенцијата за медиуми да се ослободат од контролата на власта и да се обезбеди нивно стабилно финансирање, да се намалат обврските и казните за приватните медиуми и поголема транспарентност на институциите. Уште еднаш сакаме да ве увериме дека во борбата за слободни и професионални медиуми ќе бидеме доследни, истрајни и единствени.