Хелсиншки: Да не се опструира СЈО, Уставен да одлучува според закон

by Фокус

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за февруари 2016-та година ги опфаќа темите: Институциите да не ја попречуваат работата на СЈО; Уставниот суд ненадлежен за одлуката за распуштање на Собранието; Уставниот суд во одбрана на изборниот криминал; Предизборно разгорување на етнички и верски тензии. Во однос на СЈО и на Уставниот суд во извештајот се нотира:

„Во овој извештаен период СЈО извести дека се соочува со потешкотии во соработката со институциите, особено Основниот суд Скопје 1 Скопје, Агенцијата за катастер, петтата управа на УБК на МВР, единицата за заштита на сведоци во МВР, општина Битола, Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. што влијае на одолговлекување на одредени предистражни постапки. Сметаме дека ваквиот однос на одредени институции е неприфатлив поради тоа што може да доведе до спречување на истрага и до оневозможување да се поведат судски постапки против лица за кои има основано сомнение дека извршиле тешки кривични дела, кои го загрозуваат и уставниот поредок“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет е длабоко загрижен за толкувањето на Уставниот суд околу природата на одлуката на Собранието за распуштање и карактеризирање на ваквата одлука како интерен акт на Собранието. Хелсиншкиот комитет остро реагира на континуираната пракса на Уставниот Суд да се прогласува за ненадлежен за работи кои согласно Уставот, законите и деловникот на Судот спаѓаат во делокругот на работа на Судот, а се однесуваат на исклучително важни политички и правни процеси во земјава.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија остро реагира на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување(„Службен весник на Република Македонија бр.12/2009“). Оваа одлука практично претставува најава за она што ќе се случи, а тоа е укинување или поништување на законските измени на Законот за помилување со кои се утврдува дека помилувањето не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и врз основа на кој законски се утврдува постоењето на Комисијата за помилување, се вели во извештајот.

Хелсиншкиот комитет го повикува Уставниот суд да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука со која нема да утврди неуставност на законот и нема да го укине или поништи.

„Уште еднаш потенцираме дека со тоа нема да се остави можност лицата кои се осудени за изборни измами да можат да бидат помилувани, со што ќе се заштити општествениот и државниот интерес и ќе се обезбеди простор да може повторно да се гради правната сигурност и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија“, се вели во извештајот.

Поврзани новости