Откако денеска пред Владата новинарите го фрлија погребниот венец, кој вчера му беше испратен на новинарот и уредник Борјан Јовановски, посочија и дека се згрозени од ваквиот чин.
-Од многубројните закани кои сме ги добивале Борјан, јас и другите колеги кои се осмелуваат да пишуваат критички текстови кон работењето на Владата, оваа најмногу не потресе. Не потресе затоа што дома синоќа беа и децата на Борјан, кои се тресеа од возбуда, не знаеја како да реагираат, а ние не знаевме како да им објасниме што се случува. Мене не ми е јасно зошто се потребни закани и зошто не може да се има дијалог помеѓу сите нас, за да можеме да се договориме како новинарите треба и можат да работат. Ова е нецивилизиран начин на изразување и станува опасен, изјави новинарката Светлана Јовановска, сестра на Борјан.
Еден од уредниците на веб-порталот НОВА ТВ, Биљана Секуловска во името на сите колеги побара полициска заштита за новинарот Јованоски, сметајќи дека доколку не биде овозможена заштита, власта ќе биде директен соучесник во инцидентот.
-После смртта на Никола Младенов, ништо не може да не изненади со оглед на фактот што тој загина под сомнителни околности. Она што ние го бараме е полициска заштита за нашиот колега Борјан Јовановски, доколку тоа не биде овозможено ќе сметаме дека постои дирекно соучесништво на луѓето кои го направија овој злостор со властите, односно МВР. Оваа закана не смее да се премолчи, рече Секуловска.
Новинарите, членови на Новинарскиот пленум велат дека венецот е доставен до Владата не поради сомнение дека таа го доставила до новинарот, туку поради тоа што овозможила амбиент да некој се дрзне на ваков чин.
-Тоа не значи дека ние мислиме дека Владата го нарачала Владата, туку овозможила амбиент во кој одредени луѓе ќе се дрзнуваат да се закануваат по живот на новинари и на луѓе кои размислуваат различно и пишуваат критично. Многупати сме имале случаи на национални телевизии на поголема група на новинари се повикувало на линч, но јавниот обвинител не реагирал. Јавниот обвинител сепак го предлага го бира оваа Влада и затоа овој венец со последен поздрав ќе заврши тука во Владата како опомена дека можеби утре некој навистина ќе биде ликвидиран и тој товар ќе го носат овие луѓе тука, изјави новинарката Сашка Цветковска.
Со реакција за вчерашниот инцидент во семејната куќа на Јовановски се огласи и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Здружението на новинари, Македонскиот институт за медиуми, Македонската асоцијација на новинари како и голем број на граѓански активисти.