Закани по живот врз новинарот Бојаровски

by Фокус

Непознато лице му испратило заканувачки пораки на новинарот Зоран Бојаровски. Тој во пораките му соопштува дека ќе го ликвидираат и дека имаат подготвено гроб за него. Во дел од заканувачката порака се наведува: За тебе чуваме еден гроб гнидо една смрдена, предавничка. Сатарот за тебе и за твојата фамилија. Бегај надвор од земјата и немој повеќе да ја газиш светата земја. Немој да ми го браниш Вранишковски гнидо предавничка и да плукаш по мојата мајка црква. За таквите само сатарот. Каде ќе ти оди душата и како спиеш навечер? ти си кодош на својот народ. 

Бојаровски за „Фокус“ изјави дека најверојатно причина за заканите произлегуваат од последната колумна објавена на „Плусинфо“ и во „Слободен печат“ а се однесува  МПЦ. „Во првата заканувачот не посочува зошто реагира, но во втората ја споменува колумната. Јас утринава го пријавив случајот во полиција, а таа започна со истрага. Ветено ми е дека во текот на денот ќе ме известат дали лицето е пронајдено и зошто испратило заканувачки зборови. Бев известен дека, доколку заканите не се повторат, заканувачот сторил прекршочно дело и тие само ќе го опоменат, а јас можам самиот во судски процес да поднесам пријава. Дали ќе го сторам тоа ќе знам откако полицијата ќе ме извести дали и како постапила“- изјави Бојаровски

Инаку во колумната Бојаровски анализира некои тези околу МПЦ, ПОА и начинот како да се надмине црковниот спор. Тој посочува дека постојат погрешни тези и заблуди во целиот процес. Според него не смее да се поврзува раѓањето на македонската нација со МПЦ и дека Охридската архиепископија постоела на територија на Византија под јуриздикција на Цариградска патријаршија. Како заклучок новинарот во колумната посочува дека не смее преку заблуди да се изнудува решение за црковниот спор, туку тоа да се направи низ дијалог со посредништво на поголемите православни цркви.

После заканите кон новинарот Борјан Јовановски со испраќање венец на домашна адреса кој би требало да симболизира негова смрт, сега и Бојаровски е цел на закани дека ќе го ликвидираат.

 

Поврзани новости