Пет земјотреси со умерен до посилен интензитет беа почувствувани во текот на ноќта во Охридскиот регион, од кои најсилниот беше од 4,1 степен според Рихтер. Последниот, регистриран утринава во 6 часот и 29 минути, беше со интензитет од 3,8 степени.
Министерството за одбрана ги понуди капацитетите на воениот камп „Васко Карангелески“ во Свети Наум, Охрид, за сместување на граѓаните вознемирени од серијата земјотреси што го зафатија градот и околината.
„Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на овој начин одговори на повиците на граѓаните упатени до неа преку социјалните мрежи, да се отворат вратите на воениот камп, бидејќи таму граѓаните би се чувствувале побезбедни“, соопштуваат од Министерството за одбрана.
Вратите на кампот, наведуваат од МОН, се отворени за граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп додека земјата во Охрид не се смири.
Пријавите за сместување во кампот може да се направат на телефонскиот број 070 403 392. Лице за контакт – Ристе Спасовски, раководител на секторот за услуги, туризам, одржување и возен парк во Министерство за одбрана.