Нови шест пациенти хоспитализирани, до 9-ти мај вкупно 553 случаи на пертусис во земјава

by Fokus

Нови 15 случаи на пертусис се пријавени во периодот од 3 до 9 мај годинава, од кои шест лица се хоспитализирани, информираат од Институтот за јавно здравје.

Во однос на географската дистрибуција, информациите се дека најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 14, а пријавен е и еден случај од Крива Паланка.

Возраста на заболените се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години, информираат од ИЈЗ во најновиот извештај, објавен денеска.

Заклучно со 9 мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица, со инциденца од 30,1/100 000 жители.

Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Од ИЈЗ потсетуваат дека во тек се две епидемии, пријавени во ниво на територија на Скопје и Куманово.

Од 18 јануари до 9 мај, дадени се вкупно 45.715 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

 

Поврзани новости