Најмалку 11 лица загинаа во вчерашната серија руски напади врз Украина, а Киев повика на дополнителна помош откако обезбеди ветувања од САД и Германија за испорака на модерни борбени тенкови.
Државната служба за вонредни состојби соопшти дека 11 лица биле повредени во бомбардирањата за кои украинската војска соопшти дека вклучувале повеќе од 50 проектили и речиси дваесетина дронови камикази.
„Од нив, 85 отсто беа пресретнати“, соопшти украинскиот врховен командант Валериј Залужњи на Телеграм.
Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко рече дека се погодени неколку инфраструктурни локации, што доведе до прекин на електричната енергија во регионите Одеса, Киев и Виница.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори повикот за дополнително оружје, покрај борбените тенкови што треба да ги обезбедат неговите сојузници.
-Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје. Терористичката држава нема да сфати ништо друго – рече тој во синоќешното видео-обраќање, укажувајќи на нападите кои се случија само неколку часа претходно.
Последниот бран напади беа извршени еден ден откако двајца од најважните добавувачи на оружје за Киев-САД и Германија, соопштија дека ќе испратат тешки тенкови за да им помогнат на украинските сили да ги вратат областите освоени од Русија на почетокот на 11-месечната инвазија.