Нови избори во Тетово: Како општинскиот Совет дојде во пат-позиција?

Откако тетовскиот Совет не успеа да ја изгласа завршната сметка на буџетот, Владата одлучува дали ќе има нови избори за советници во општината. Што велат за Фокус од локалната и централната власт?

by Фокус

Со нови избори за советници најверојатно ќе се надминува блокадата во Советот на Општина Тетово, кој не успеа да изгласа завршна сметка на општинскиот буџет, што впрочем е еден од условите за вонредни избори.

Имено, законската постапка во вакви случаи предвидувува општината да го извести Министерството за локална самоуправа, кое потоа ја известува Владата.

Во рок од 30 дена, Владата треба да донесе одлука дали ќе се одржат нови избори, но, според информациите што ги добивме, на Илинденска се уште не се разговарало за ова прашање.

„Општина Тетово го извести Министерството за локална самоуправа дека општината нема направено завршна сметка.

 

Според законската постапка, Министерството за тоа треба да ја извести Владата, а таа во рок од еден месец треба да одлучи дали ќе има вонредни избори за тетовскиот Совет кои треба да ги распише Собранието.

 

Ако нема одговор во предвидениот рок, советниците ќе одлучуваат за натамошното функционирање на Советот“, велат за Фокус од Општина Тетово, на чело со градоначалникот Биљал Касами.

Во однос на тоа, министерот за локална самоуправа Горан Милевски ни изјави дека пред петнаесетина дена го испратиле известувањето до Владата, од каде, пак, ни одговорија:

„Дописот од Општина Тетово e доставен до Министерството за локална самоуправа кое во понатамошната постапка во законски утврдениот рок ја известил, односно го доставил до Владата на Република Северна Македонија.

 

Дописот е во владина постапка, но досега на одржаните седници не се разговарало во однос на ова прашање.

 

Веднаш по завршување на потребните процедури и донесените заклучоци или решенија јавноста ќе биде навремено информирана“.

Според информации на Фокус, состојбите во тетовскиот совет се искомплицираа откако еден од советниците на БЕСА бил избран на друга позиција, со што партијата и нејзините коалициски партнери го загубија мнозинството од 16 советници.

Сега, ситуацијата е 15-15, бидејќи локалната опозиција предводена од ДУИ одбива да учествува на седница за верификување на мандатот на следниот советник од советничката листа на БЕСА, исто како и независните советници од редовите на „зелените“, иако тие припаѓаат на советничкото мнозинство.

Во таква ситуација, кога дојде на ред гласањето на завршната сметка, „за“ гласаа советниците на ДУИ, со оглед дека таа се однесува на буџет од времето на претходниот градоначалник (Теута Арифи од ДУИ), додека „воздржани“ беа советниците на БЕСА, што го трасира патот со нови избори за советници.

Влатко Стојановски

Поврзани новости