Нови информациски системи за управување со јавните финансии во вредност од 24,9 милиони евра

by fokus

Преку проект во вредност од 24,9 милиони евра ќе се воспостават три нови информациски системи со кои ќе се подобри ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи и ќе се зголеми ефективноста на администрирањето на приходите.

Дваесет милиони евра се заем од Светската банка, а 4,9 милиони евра се грант од ЕУ што ќе се администрира преку СБ. Договорите за спроведување на проектот ги потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Во Министерството за финансии ќе функционира нов Интегриран информациски систем за управување со финансии (ИФМИС), во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори ќе има Информациски систем за управување со државна помош (СИМИС), а Управата за јавни приходи добива нов Информациски систем за управување со даночните приходи (ИТИС). Ќе се овозможи премин од постојните фрагментирани и неповрзани системи на нова централизирана веб-базирана заедничка платформа како резултат на најновите дигитални технологии.

За поддршка на реформите за управување со јавните расходи ќе се одвојат 14,69 милиони евра, за зајакнување на практиките за даночно управување и системи во Управата за јавни приходи 8,135 милиони евра, а 2,025 милиони евра за управување со промени, координација на донатори и управување со проекти.

– Воспоставувањето на овие системи претставуваат дел од заложбите на Владата за имплементација на напредни технологии и воедно се предуслов за воспоставување современ и модерен начин на управување со јавните финансии. Со нив ќе се подобри ефикасноста и транспарентноста во управувањето со јавните финансии, а тоа ќе се постигне преку поврзување на постоечките фрагментирани и неповрзани системи на една централизирана дигитална платформа, рече министерот Бесими.

Тој истакна дека подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетско планирање се едни од најважните приоритети на Министерството за финансии и Владата. Воспоставувањето на ИФМИС системот во Министерството за финансии, е дел од поголемата реформа што се спроведува во изминатиот период во управувањето со јавните финансии, согласно со новиот Закон за буџети.

Како што информира Лукаровска, со новиот Интегриран даночен информациски систем на УЈП ќе се подобри оперативната ефикасност на функциите на даночната администрација, ќе се зајакнат аналитичките капацитети и мониторингот на усогласеноста и ќе се подобрат услугите за даночните обврзници.

– Целосната дигитализација на услугите кон даночните обврзници ќе овозможи компаниите да заштедат на време и на трошоци, а ќе доведе и до зголемување на наплатата на даноците, како и до намалување на неформалната економија, што им помага на формалните бизниси да ги зголемат своите приходи преку слободна, ефективна и фер конкуренција, рече Лукаровска.

Поврзани новости