Новата зграда на Кривичниот суд пет години зјае празна, Џолев очекува да се вселат во март

by fokus

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев очекува новата зграда на судот да биде отворена на 31 март- Денот на правосудството. На денешната средба со новинарите, Џолев рече дека се чека да завршат процедурите во Катастарот и да се добие употребната дозвола.

Новиот барокен објект во кој  требаше да се пресели Кривичниот суд, веќе пет години зјае празен. За него се потрошија 11 милиони евра, но судењата се уште се оддржуваат во старата зграда, во претесни судници, во кои најчесто нема место за сите странки, па дел од нив рочиштата ги следат стоејќи на нозе.

Поголемите судења, особено оние за кои има медиумски интерес, пак, се оддржуваат во судница на Врховниот суд, како на пример за случајот „Диво Насеље“, бидејќи судниците во Кривичниот суд, освен една, се премали за да во нив се сместат повеќето обвинети, нивните адвокати, роднини и јавноста. Токму и затоа беше неопходна изградба на нов објект, бидејќи се губи драгоцено време во чекање на слободна судница.

Темелите на новата зграда беа удрени во 2010 година, а тогашниот премиер Никола Груевски вети дека зградата ќе биде завршена за 18 месеци. Тој дури посочи дека ефикасноста во работењетот, меѓу другото, била поврзана и со просторните и работните услови на судиите и судската администрација. Тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, пак, се пофали дека до тогаш никој не вложил повеќе средства и напори за подобрување на работните услови на судиите. Но, од неговите фалби се сменија уште неколку министри за правда, а судот уште не е сефтосан. А, за да работата тргне со среќа, камен темелникот беше осветен и од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Но, и по пет години и потрошени милиони, објектот се уште е празен. Лани во март, тогашниот министер за правда Аднан Јашари истакна дека од нивна страна се завршени сите постапки и формалности и дека од претседателот на Судот зависело кога ќе се преселеле. Од Основниот суд Скопје 1, пак, тогаш ни одговорија дека се уште не можат да влезат во новите простории, бидејќи во тек биле набавките на компјутерската опрема.

Новата зграда на Кривичниот суд е лоцирана кај новата катна гаража и комплексот судови. И оваа зграда, како и останатите од проектот „Скопје 2014“ е преплатена, бидејќи лично од Груевски беше најавено дека ќе се изгради за 8,3 милиони евра, пари обезбедени од Светска банка и државниот буџет, но цената се зголеми за дополнителни 2,7 милиони евра. Цената се билдаше на добро познатиот начин, со склучување на анекс договори. 

Судот е проектиран на 10 нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Предвидени се 74 судски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни од кои една за 200 лица за случаите на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, репрезентативна судница и канцеларии, судски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци, и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 метри квадратни.

Главен изведувач на објектот беше градежната компанија „Гранит“ од Скопје.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости