АРХИВА Како Институтот за сметководители оствари милионски приходи и изготви незаконски тарифник?

by Фокус

Текстот е објавен на 21.07.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1137

Институтот на сметководители и овластени сметководители неодамна стана актуелен откако надзорниот одбор го разреши раководството поради лошо функционирање, што го констатирало и надлежното Министерство за финансии. Паралелно со тоа, истражните органи почнаа да го проверува работењето на организацијата во време кога со неа раководеше веќе поранешната претседателка Ленче Папазовска, која деновиве заработи кривична пријава од финансиската полиција за злоупотреба на околу 8 милиони денари, кои прво биле испумпувани од Институтот, а тоа биле враќани како хонорари за членовите на органите и телата на ИСОС, без притоа тие да вршат било какви услуги. Фокус пишуваше за оваа организација пред нецела година, кога се обиде да наметне незаконски тарифник за сметководствени услуги.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Заради унапредување на сметководствената професија и организирано делување на сметководителите во државата, во 2012 година се формираше Институтот на сметководители и овластени сметководители, како независна, неполитичка и непрофитна организација, во која членуваат сметководителите и овластените сметководители. На тој начин, престанаа законските обврски на Министерството за финансии поврзани со професионалното организирање и дејствување на сметководителите, па Институтот доби ингеренции да спроведува обуки и испити, да издава уверенија и лиценци за сметководители и воедно да ја контролира нивната работа.

По 5 години дејствување надвор од радарот на пошироката јавност, Институтот го привлече вниманието со тарифникот за утврдување минимални цени на сметководствените услуги, кој се испостави дека нема законска основа, имајќи предвид дека професионалното здружение на сметководителите може да утврдува критериуми за формирање цени, но не и да пропишува цени. Покрај тоа, овој модел на тарифирање наиде на отпор и од страна на компаниите, кои стравуваа дека во иднина ќе треба да плаќаат 2-3 пати поголеми цени за сметководствени услуги.

Истовремено, тарифникот го критикуваа и дел од сметководителите, според кои наметнувањето нови повисоки цени ги фаворизира поголемите сметководствени компании што соработуваат со моќни клиенти, а ќе им стави клуч на врата на многу помали сметководствени бироа. Тие сметаат дека Институтот не треба да им одредува ценовни граници според податоците за прометот што го направиле компаниите, туку секој сметководител треба сам да си постави цена според времето што му е потребно за обработка на документацијата и други меродавни параметри.

Од друга страна, пак, од ИСОС велат дека оваа иницијатива е за подобрување на статусот на сметководителот и за развој на сметководствената професија. Од таму истакнуваат дека сметководителите што легално си ја вршат својата работа барале утврдување на критериуми и нивно вреднување според кои понатаму тие би можеле да ја определат релната цена на книговодствените и сметководствените услуги, од причина што, според Институтот, на терен има лица кои нерегистрирано вршат сметководствени работи, без да плаќаат соодветни фискални давачки, на тој начин уривајќи ја реалната цена за вршење сметководствени работи.

ОДЛУКА БЕЗ ЗАКОНСКА ОСНОВА

Експертите што ги консултиравме посочуваат оти не е спорно да се регулираат цени на бензин, лекови и други специфични продукти, или, пак, да се пропишува препорачана или максимална цена, меѓутоа проблематично е кога се утврдува минимална цена. Иако одредени струки преку тарифници утврдиле цени на услугите, како адвокатите и нотарите, кои важат за јавни дејности, сепак, сметководителите имаат правна основа само за утврдување на критериуми за формирање цена, ама не и за пропишување конкретни цени.

Токму затоа, реагирало и Министерството за финансии, кое се обратило до Институтот со допис, во кој се повикува на членот 7 од Законот за вршење на сметководствени работи, каде никаде не стои дека меѓу надлежностите на Собранието на ИСОС е утврдување на надоместок за сметководствените услуги. Исто така, министерството упатува и на членот 31, точка 14 од Статутот на Институтот, кој пропишува дека тој може да ги утврдува критериумите за формирање на цена, но не и цените. Затоа, од таму го повикуваат ИСОС да го почитува статутот доколку Управниот одбор опстои во намерата да донесе акт за цените.

Во меѓувреме, се огласи и Бизнис конфередерацијата на Македонија, која побара ИСОС да ја преиспита и повлече одлуката, бидејќи таа би имала огромна штета на пазарот и за клиентите и за сметководителите, особено ако, нагласува БКМ, се има во вид дека сметководителите треба да ги менуваат постоечките договори со своите клиенти и да наметнат повисоки цени во случаи каде цената не е во согласност со тарифникот. Притоа, оваа конфедерација на работодавачи, која ги претставува и ги поддржува интересите на бизнисите во земјата, нарачала правна анализа на одлуката на ИСОС.

Од анализата изготвена од Адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска произлегува дека оваа одлука е спротивна на Законот за вршење на сметководствени работи и Статутот на ИСОС, каде, според ДДК, нема законско овластување и правен основ за утврдување и наметнување обврска за примена на минимална цена на сметководствени услуги. Освен тоа, во оваа правна анализа стои дека одлуката е спротивна и на прописите за заштита на конкуренцијата, кои строго забрануваат какво било однесување на поединци или здруженија кое е насочено кон фиксирање на цени или утврдување на најниски цени за производи и услуги, што има негативен ефект за потрошувачите и ја нарушува конкуренцијата.

ИНТЕРВЕНЦИЈА НА ПАЗАРОТ

По ваквите реакции, од Институтот истакнаа дека, во интерес на своите членови и општествената заедница, ќе продолжат со активности за донесување и рангирање на сите критериуми кои ќе бидат основ за утврдување на цените на сметководствените услуги. На тој начин, тие велат дека конечно ќе биде вреднуван интелектуалниот труд на сметководителите кои легално вршат сметководствени услуги. Оттука произлегува дека Институтот сака да го редуцира незаконието во фелата, што не е подрачје не делување на едно професионално здружение, туку тоа практично е работа на истражните и правосудните органи.

Во однос на тоа, од ИСОС информираат дека оствариле неколку средби со директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, при што на последниот состанок на 10 јули 2017 ги презентирале своите согледувања за кои ќе следи институционално вмрежување и анализирање со цел подобрување на оваа моментална состојба. Од Институтот велат дека „институциите кои имаат овластувања да постапуваат ќе преземат понатамошни потребни мерки со кои е потребно особено да се посвети внимание на доследно применување на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност“.

Но, голем број сметководители се спротивставуваат на обидот на Институтот до тој степен да ги дефинира правилата на игра, особено не, како што истакнуваат тие, преку тарифник изработен според погрешно одбрана методологија. Во оваа насока, многумина сметководители се обратиле и до Министерството за финансии, како надлежно за надзор врз работата на Институтот и врз спроведувањето на Законот за вршење сметководствени работи. Еден од нив е сметководителот Љупчо Саздов, кој во допис до министерот за финансии Драган Тевдовски пишува дека тарифникот бил донесен на сомнителен начин, на одложена, па одржана седница, со иста форма и содржина како што е предложен.

Дополнително, Саздов наведува дека Институтот постапува незаконски бидејќи, според него, наплаќа 1.000 денари за замена на уверенија за сметководители кои претходно ги издало Министерството за финансии со трајна важност. Тоа, според Саздов, е само еден од основите за прилив на средства во касата на Институтот, кој уште остварува приходи по основ на членарина, спроведување на часови и испити, за лиценцирање на трговец-поединец или друштво… Врз основа на тоа, се наметнува прашањето за финансирањето и финансиската сила на професионалното здружение на сметководителите.

ПРИЛИВ НА СРЕДСТВА

Првично, со донесувањето на Законот за вршење на сметководствени услуги во 2012 година, членот 14 предвидуваше дека „Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за сметководител или овластен сметководител“. Арно ама, со законски измени и дополнувања во 2016 година, се измени овој член кој денес гласи: „Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое ги исполнило условите од членовите 15 и 16 од овој закон и се стекнало со трајно уверение за сметководител, односно овластен сметководител од Институтот”. Членовите 15 и 16, пак, во суштина ги налагаат предусловите кои треба да бидат исполнети за стекнување на уверение за сметководител и овластен сметководител.

Инаку, сметководителите што стекнаа уверенија, но и ги заменија постоечките уверенија, мораше да платат надоместок од 1.000 денари кон институтот. На тој начин, тие стекнуваат право за упис во Регистарот на сметководители, односно Регистарот на овластени сметководители, за што претходно мора да платат и членарина во Институтот од 200 денари месечно за овластени сметководители и 150 денари за останатите. Ако се знае дека во регистрите има 5.538 овластени сметководители и 935 сметководители, Институтот преку членарина месечно би требало да инкасира 1.247.850 денари (20. 000 евра), под претпоставка дека членовите дисциплинирано си ја плаќаат членарината.

Воедно, сметководителите плаќаат дополнителна членарина доколку се регистрирани за вршење на дејност. Според Тарифникот за висина на членарините донесен во јули 2016 година, сметководител регистриран како трговец-поединец плаќа 300 денари месечно, а овластен сметководител регистриран како трговец-поединец плаќа 500 денари месечно. Што се однесува до друштвата за вршење сметководствени работи, пак, оние со максимум двајца сметководители плаќаат 800, оние со двајца до петмина сметководители плаќаат 1.500, оние со петмина до десет сметководители плаќаат 2.000, додека оние со над 10 сметководители плаќаат 3.000 денари месечно.

Згора на тоа, сметководителите што се лиценцираат како трговец-поединец плаќаат 2.000 денари, а за лиценцирање на трговско друштво 3.000 денари. Притоа, тие мора да посетат најмалку 30 часа, односно во рок од 3 години овластениот сметководител треба да посети 120 часа, додека останатите 90 часа, при што плаќаат по 250 денари за еден час. На крајот, за осигурување од ризик, трговец-поединец плаќа околу 5.000 денари, а друштво околу 10.000 денари. Сето тоа претставува основ за прилив на средства во касата на Институтот кој остварил значителни приходи во минатата година во споредба со претходниот период.

ТРИ КОМПАНИИ

Како што не информираа од Централниот регистар, ИСОС не доставил финансиски извештај во периодот до 2015 година, поради тоа што вкупниот имот на институтот или годишниот приход е помал од 2.500 евра, па, согласно Законот за сметководство на непрофитните организации, не е обврзан да составува и доставува финансиски извештаи. Меѓутоа, Институтот изготвил и доставил финансиски извештај за 2016 година, кога остварил приходи од 9.173.989 денари и расходи од 1.562.208 денари, што значи дека на крајот на годината вишок останале 6.850.603 денари или околу 111.500 евра.

Од формирањето во 2012 година, па се до јуни 2016 година, Институтот немаше органи на управување, ниту било каква активност. Во 2016 се формираа органите на Институтот, по што, откако се воспоставија сите формално-правни услови, отпочна процесот на издавање на уверенијата и регистрација на сметководителите – објаснува претседателката на Институтот Ленче Папазовска, додавајќи дека членовите и лиценцираните друштва имаат обврска да плаќаат членарина кон Институтот како регистрирано професионално здружение.

Официјалната биографија на Папазовска говори дека има 33-годишно искуство во областа на сметководството и финансиите и над 10-годишно искуство како предавач од областа на сметководственото работење, при што издала и поголем број трудови. По завршувањето на кариерата во „Дрводекор“ во далечната 1990 година, Папазовска го основа друштвото за сметководствени работи „Книго Прима“, каде денес е управител, додека сопственици се нејзината ќерка Фросина Папазовска – Кемера и српскиот државјанин Горан Мијаловиќ.

Според податоците од Централниот регистар, „Книго Прима“ ДОО во 2014 година го основала друштвото „Книгоприма Вработување“ како агенција за привремени вработувања, чиј управител повторно е претседателката на ИСОС – Папазовска. Во меѓувреме, поточно во 1992 година, или две години по формирањето на „Книго Прима“ ДОО, се формира друштвото „Книгоприма Консалтинг“ за сметководствени, книговодствени, ревизорски работи, даночно советување, чиј сопственик и управител е Ленче Папазовска.

СОРАБОТКА СО ВМРО-ДПМНЕ

Она што не стои во официјалната биофрафија на првиот човек на ИСОС е фактот што Папазовска соработувала со ВМРО-ДПМНЕ, која по една деценија на власт замина во опозиција. Овој заклучок може да се извлече од фактот што името, презимето и потписот на Папазовска можат да се видат на документи на ДПМНЕ од областа на финансиското работење на партијата. Имено, таа е овластено лице кое го изготвувала извештајот за добиените донации на ВМРО-ДПМНЕ во текот на 2013 година, го пополнила годишниот финансиски извештај на партијата во 2014 година итн.

Друштвотото за сметководствени работи, каде јас со својот експертски капацитет вршам сметководствени услуги заедно со уште 11 вработени, работи повеќе од 27 години. Сум изготвила финансиски документи и експертизи на голем број субјекти меѓу кои голем број блиски до сите политички провиниенции, а дури повеќе на број од сегашната владеачка коалиција. Работата не ја вршиме на политичка туку исклучиво на професионална основа и секој субјект кој бара за себе квалитетно изработени финансиски документи потребно е да се обрати кај регистриран сметководител – вели Папазовска.

Освен неа, во Управниот одбор на Институтот уште членуваат Тихомир Мурџески, Тони Димитровски, Јован Златевски и Орхан Рамадани, додека во Надзорниот одбор членуваат Сашо Раденковиќ, Благоја Грозданов, Јане Попоски, Арифе Асипи Рамадани и Орце Наумов. Претседавач на Собранието, пак, е претседателот на Комората на сметководители во рамките на ССК, Драган Митковски, кој, како што своевремено пишувавме, му отстапи место на Илчо Ѓорѓиоски прво да стане делегат на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, а потоа и да биде избран за прв човек на ФФМ. Колку за информација, Митковски и Ѓорѓиоски се познаници со Груевски, уште од времето кога експремиерот живеел во скопската населба Ѓорче Петров.

Сите овие податоци и информации ги користат критичарите на Институтот на сметководители како аргумент дека тој е подложен на партиски и политички влијанија. Од ИСОС тврдат дека нивната работа не се доведува во никаква релација со ниту една политичка гарнитура или власт, туку работат во интерес на сметководителите, професијата и општеството во целина. Сепак, обидот да се наметнат миниминални цени на сметководствените услуги предизвика силни реакции дека ваквата одлука е незаконска, спротивна на начелата за конкуренција на пазарот и дека драстично ќе ги зголеми трошоците за компаниите.


Комисија за заштита на конкуренцијата
СОБИРАМЕ ПОДАТОЦИ ЗА ТАРИФНИКОТ НА СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ“

Комисијата за заштита на конкуренцијата испитува дали одлуката на собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители за донесување акт за утврдување минимални цени на книговодствените работи и надомест за сметководствените услуги е спротивна на законските одредби за слободна конкуренција на пазарот.

Во конкретниот случај, Комисијата прибира податоци со цел да утврди дали постои евентуален прекршок на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата“, не известија од Комисијата за борба против ограничување на конкуренцијата.


Писмо на Саздов до Тевдовски
ИСОС НЕЗАКОНИТО НАПЛАЌА ЗА ЗАМЕНА НА УВЕРЕНИЈА

Сметководителот Љупчо Саздов е во конфликт со Институтот на сметководители и овластени сметководители поради тоа што одбива да плати 1.000 денари за Институтот да му издаде уверение, во ситуација кога, според него, поседува исто такво уверение од Министерството за финансиси со трајна важност. Сметајќи дека Институтот постапува незаконито со тоа што практично наплаќа за замена на уверенија, тој поднел пријава против ИСОС до Министерството за финансии на 27 јуни 2017 година, меѓутоа добил толкување од Раководителот на секторот за финансиски систем дека Институтот има право да наплаќа за замена на уверенија согласно со тарифникот одобрен од Владата на РМ во 2016 година. Затоа, тој се обратил и до новиот министер Драган Тевдовски.

Можеби уверенијата кои имаа времена важност од 24 месеци, а подоцна продолжен рок на 48 месеци, можат да се тарифираат со 1.000 денари, бидејќи нивната важност не се продолжи и беше потребно да се издадат нови. Но, за уверенијата кои имаа трајна важност согласно член 13 став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи, Институтот беше должен да ги наплати само надоместоците согласно реално направените трошоци за печатење и издавање на уверенија за овластен сметководител без полагање на испит. Целата потреба од замена на уверенијата не ми е јасна, кога Министерството веќе имаше утврдена евиденција, која мораше да се води согласно закон, а Институтот можеше едноставно да ја преземе. Сето ова како да беше смислено само за да му се овозможи на Институтот да се стекне со значителни парични средства“, му пишува Саздов на Тевдовски во писмото до кое дојде „Фокус“.


Ленче Папазовска, претседателка на ИСОС
СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА

ФОКУС Кој беше вашиот мотив да донесете одлука за минимални цени на сметководствените услуги, што наиде на отпор кај компаниите, кои стравуваат дека ќе плаќаат 2-3 пати повисоки износи за сметководствени услуги во споредба со досегашните?

ПАПАЗОВСКА По барање на над 3.000 вршители на сметковдствени работи, кои беа присутни на одржаните состаноци и јавни расправи, започна процес на утврдување критериуми и нивно вреднување по кои понатаму тие би можеле да ја определат реалната цена на книговодствените и сметководствените услуги. Бројните поплаки од сметководителите се заради тоа што на терен има лица кои нерегистрирано вршат сметководствени работи, а едновремено се вработени во државни институции, школи и сл. вршат сметководствени работи во своето слободно време, но и за време на работа, не плаќаат соодветни фискални давачки, а ја уриваат реалната цена за вршење сметководствени работи. Ваквите појави се само мал основ за покренување на оваа иницијатива која трае повеќе од 20 години и која ќе го подобри статусот на сметководителот, ќе придонесе за развој на сметководствената професија која е пред се во интерес на општесвената заедница во целина.

ФОКУС По реакцијата на Министерството за финансии дека оваа одлука нема правна основа и поткрепа, бидејќи, според министерството, институтот може да утврди критериуми за утврдување на цени, но не и конкретни цени, какви се или какви ќе бидат вашите следни чекори?

ПАПАЗОВСКА Недоразбирањето е терминолошко, нормално, цената на формирање на услугите ја прави секој соодветно на потребите на клиентот, но мора да постојат донесени и утврдени критериуми за начинот на реализација на истото. Нашите заложби се и ќе бидат да ги застапуваме интересите на сите регистрирани сметководители и овластени сметководители и наша должност е со најсоодветно решение за критериуми сметководителите да имаат поддршка во вреднувањето на трудот.

ФОКУС Дел од сметководителите ја поздравија одлуката, истакнувајќи дека на тој начин реално ќе се вреднува нивниот труд, додека други ја критикуваа како незаконска, па дури обвинуваа дека Институтот им се заканувал со одземање на лиценците доколку не ја почитуваат? Како го коментирате тоа?

ПАПАЗОВСКА Немам информација дека постојат лица од сметководствената фела кои не сакаат да им биде вреднуван и платен трудот. За лица кои истакнуваат невистини за закани, ги повикувам со факти да се одважат или да ја сносат одговорноста за кажаното. Јасно ни е дека има обиди од страна на лица кои работат во делот на сивата економија и се нелојална конкуренција на регистрираните сметководители, да направат отпор манифестиран со конструкции и лаги, но веруваме дека Институтот во рамки на своите овластувања ќе се избори со сивата економија во професијата, а тоа би требало да го поддржат сите кои легално работат и вршат регистрирана дејност во Република Македонија.

Поврзани новости