Детската градинка која што се гради во Штип, треба комплетно со внатрешното уредување и опрема да биде готова до крајот на годината.
Спроред склучениот договор со изведувачот таа требаше да биде завршена до крајот на овој месец, но било побарано одложување од педесет дена, што според информациите се должело на доцнење на некои фази од изградбата но и од префрлувањето на средствата од Источно планскиот регион и општината.
Денес увид во изградбата на градинката направија Министерот за Локална самоуправа Горан Милевски и градоначалникот Благој Бочварски.
Изградбата на овој објект е предвидено да чини околу 52 милиони денари, од коишто Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој инвестираат 30 отсто од средства или 16 милиони денари, додека останатите средства се инвестиција на Општина Штип. Во реализацијата на проектот е вклучено и Министерството за труд и социјална политика, коешто вети внатрешно да ја опреми градинката.
– Градиме инфраструктура со план, она што им е потребно на граѓаните. Во 2019 година ги дуплиравме средствата за рамномерен регионален развој. Од оваа Програма во овој регион се финансираат вкупно 14 проекти за развој на регионот, селата и специфичните подрачја, во вкупна вредност од 49 милиони денари, рече Милевски.
Новата градинка ќе биде според сите стандарди, а во неа ќе се згрижат околу 200 дечиња, но и дополнително ќе се вработат нови воспитувачки и технички кадар,потенцира штипскиот градоначалник Благој Бочварски.
Новата градинка е на површина од 1.600 метри квадратни и се наоѓа во населбата „Сењак“, кон којашто гравитираат и населбите „Дузлак“, „Автокоманда“, „Дузлачки рид“, „Света Недела“.
-Јас можам да кажам дека пред една година овде имаше голо земјиште денеска гледаме веќе речиси завршен објект со поставување на финалните елементи внатре и нашите очекувања се дека во текот на наредните два до три месеци објектот ќе биде финализиран со опрема, за да може конечно да ги очекуваме и првите дечиња да почнат да го посетуваат овој објект, изјави Бочварски.
Тој информираше дека во изминатив период и во останатите градинки во градот се инвестирало во нови кујни, инвентар и на дел од кровните конструкции.