Со цел да победи на изборите, власта интензивно работи на реализација на идејата за обединување во т.н. Европски фронт, како и на стратегија за да ја оневозможи опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се најде во позиција да ја составува новата влада, брифира за „Слободен печат“ функционер од власта.
Планот предвидува актуелните владини партии на изборите да настапат во два блока – тие како еден блок, а кон другиот да ја приклучат и албанската опозиција предводена од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши и како постизборна коалиција да формираат заедничка влада, односно ВМРО-ДПМНЕ и да победи на изборите да нема партија на Албанците која би формирала влада со партијата на Мицкоски. За реализација на планот се бара поддршка и од владејачките партии во Косово и Албанија.
Како што наведува соговорникот за „Слободен печат“, партиската средба на СДСМ со Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти во Приштина не била случајна, особено што е направена во предизборие.
Планот е ниту една партија на Албанците да не излезе со свој претседателски кандидат, туку уште во првиот изборен круг да го поддржат, како заеднички, кандидатот на СДСМ.
Според математиките на власта, оваа комбинација би обезбедила над 70 пратенички мандати, односно во најлош случај коалицијата би броела 72, а во најдобар 78 пратеници и сигурна победа на консензуалниот кандидат за шеф на државата. Освен дека таквиот сојуз би обезбедил речиси двотретинско мнозинство потребно за уставните измени, а таквата коалиција ќе ја остави ВМРО-ДПМНЕ без албански партнер. Токму за ова и се случила средбата во Косово помеѓу секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и претставниците на Самоопределување, вели соговорникот.
Како што се наведува, функционерите на СДСМ побарале Самоопределување да се воздржи од предизборна поддршка на ЕСП и ако може да ги убедат Меџити, Касами и Гаши предизборно да коалицираат со СДСМ. Во целата операција наводно е вклучен и експремиерот Зоран Заев.