Македонска актерка ја глуми мајката на Џеј во филмот ,,Недела”: Да не се заборави Ресен и корените!

by Fokus

Играниот филм ,,Недела” кој е посветен на легендарниот фолк пејач Џеј Рамадановски ја имаше својата премиера во Белград и го привлече вниманието на регионот. Наскоро доаѓа и во кино салите во Македонија, а помеѓу бројната актерска екипа во улогата на мајката на Џеј се појавува и македонската актерка Емра Кутишова, позната на пошироката јавност како Исаура од серијата ,,Преспав”.

Ова е прва улога на талентираната актерка во филм од српска продукција, а изборот паднал на македонска актерка со цел да се долови автентичноста, бидејќи семејството на Џеј е по потекло од Македонија.

Познатиот пејач почина кон крајот на 2020 година на 56-годишна возраст по проблеми со срцето во Белград, каде беше роден и каде го помина најголемиот дел од својот живот. Но, за своето македонско потекло секогаш зборуваше со гордост.

Во интервју од пред десеттина години ни раскажа дека Македонија е татковината на неговите предци и му е во душата.

– Македонија е татковината на моите предци, тоа е дел од мене, од мојата душа, со гордост го кажувам тоа, и драго ми е кога имам настапи таму.

Парите мене никогаш не ми биле важни во животот, туку сакам да бидам опкружен со добри луѓе, со професионалци, да си го одработам моето и да го веселам народот. Не сакам кога наместо за моите музички достигнувања ми се поставуваат прашања од приватниот живот, почнав сам од нула и направив многу, мислам дека вреди да се пишува за тоа, а не за мојот брак, развод, па дури и за личниот живот на моите ќерки – ни изјави Џеј во интервју од пред десеттина години, нагласувајќи дека Ресен му е посебно драг.

Имено, неговиот татко Мазлам бил роден во ресенско, а по завршувањето на Втората светска војна со семејството се преселил во Белград, во населбата Дорќол.

Мазлам бил чевлар, а во слободното време свирел кларинет во Културно уметничкото друштво ,,Никола Тесла”. Токму таму ја запознал мајката на Џеј, Барија, која работела во комуналното претпријатие ,,Зеленило”.

Од нивната љубов во 1965 година се родил Џеј, и бил единственото машко дете во фамилијата Рамадановски. Родителите му се развеле кога неговиот татко решил да се пресели во Австралија. Џеј останал да живее со неговата баба по мајка, Даница, додека неговите сестри го продолжиле животот заедно со мајката.

Бидејќи западнал во лошо друштво, социјалната служба го однела во дом за малолетници, каде поминал девет години, но успеал да заврши автолакерски занает.

Големиот пресврт во неговиот живот се случил кога имал 22 години, откако започнал да пее во ,,Клубот на народњаците”. Се запознал со голем број на музичари, а судбинско било познанството со текстописецот Марина Туцаковиќ и композиторот Александар Радуловиќ – Фута.

Во 1987 година со песната на Туцаковиќ, ,,Зар јас да ти ги бришам солзите” тој настапи на фестивалот МЕСАМ и неговата музичка кариера започна да се движи по угорна линија.

Тринаесет музички албуми, десетици компилации, турнеји низ светот, настапи за кои се бара влезница плус, Рамадановски речиси преку ноќ стана голема музичка ѕвезда. Сепак, и во екот на својата популарност, тој никогаш не забораваше со гордост да го спомне своето македонско потекло.

До 2007 година тој беше во брак со Нада, со која ги има ќерките Ана и Марија. И покрај разводот, постојано изјавуваше дека со Нада се најдобри пријатели и како таа е херојот во неговиот живот.

За потребите на снимањето на филмот ,,Недела”, Србија одвои 20 милиони динари од буџетот. На премиерата во Белград се појавија голем број на јавни личности. Во Скопје премиерно ќе се прикаже на 26-ти јануари во Cineplexx.

Вики Клинчарова

Поврзани новости