Вработени во Основниот суд 1 поднеле кривична пријава против претседателот Владимир Панчевски, јави Телма.
Тие го обвинуваат претседателот на судот за злоупотреба на службената положба, бидејќи, како што тврдат, незаконски си вработил блиска пријателка како судски администратор во кривичниот суд.
Според пријавата, Панчевски на 4-ти ноември распишал интерен оглас за позиција судски администратор, иако законот предвидува за таа позиција да биде распишен јавен оглас. На тоа реагирал раководителот на човечки ресурси Горан Стеменковски и барал поништување на одлуката, но една недела подоцна местото го добила Роза Кавазова, претходно службено лице за посредување со информации од јавен карактер во судот, а за која поднесителите на тужбата тврдат дека е блиска пријателка на Панчевски.
Панчевски во изјава за телевизијата вели дека прв пат слуша за пријавата и оти надлежните институции треба да се занимаваат со неа.
Претходната пријава од Стаменковски, му донесе на Панчевски и трудова инспекција, откако раководителот во службата за човечки ресусри го обвини претседателот на судот за злоупотреби и притисоци во судството. На истото се пожалија и петнаесетина судии кои со писмо до Судскиот совет бараа санкции за Панчевски.