Нова кривична пријава против Мета за перење пари

by fokus

Албанското Специјално јавно обвинителство за корупција и организиран криминал (СПАК) отвори уште еден случај против доскорешниот шеф на албанската држава Илир Мета, овој пат за перење пари, корупција и злоупотреба на службената положба.

Во случајот се опфатени неговата сопруга Моника Круемади, нејзиниот брат Дрини Круемади и таткото на неговата сопруга Нури Пети.

Кривичната постапка е започната врз основа на дојава на новинарот Адриатик Дочи, по објавувањето на неколку написи, кои тој ги поткрепува со докази за сомнителна корупциска афера.

Партијата Движење за социјалистичка интеграција (ЛСИ), чиј лидер беше Мета, на 15 септември 2013 година го презела раководењето со Министерството за транспорт, два месеци подоцна Дрини Круемади бил вработен во концесионерската компанија која го имала монополот на инспекција на автомобили во Албанија. Тој добивал плата од 4.000 долари месечно или до 2020 година вкупно 360.000 долари, а воопшто не одел на работа.

Од 2015 до 2016 година префрлил околу 13.000 долари на сметките на ЛСИ, а купил акции на друга фирма која соработува со концесионерската компанија, од која заминува со донирање на акциите на таткото на неговата сопруга Нури Пети. Дрини Круемади заедно со Мета и Моника префрлувале и други високи износи на средства.

Наведениот материјал е проследен со докази, околности и придружни факти, кои го потврдуваат збогатувањето на оваа група со злоупотреба на јавна функција и концесии што ги плаќаат албанските граѓани.

Против Мета се води кривична постапка и под сомнение за „непријавено лобирање во вредност од околу 700.000 евра“, преку кипарска компанија, со цел да обезбеди покана и фотографирање на церемонијата на инаугурација на Доналд Трамп како 45-ти претседател на САД на 20 јануари 2017 година, во време кога Мета беше претседател на албанското Собранието.

Поврзани новости