Нова дигитална судница во КПУ Идризово со најсовремени услови за изведување на судски процеси

by Fokus

Новата дигитална судница во КПУ Идризово нуди најсовремени услови за изведување на судски процеси. Функционалниот аудио-конференциски систем со кој располага судницата дава можности за судења без физичко присуство на учесниците во судските процеси, истакна денеска Министерот за правда, Никола Тупанчески, за време на официјалниот почеток на пуштањето во употреба на судницата.

– Ова е најголемата и најопремената судница во Република Северна Македонија со судска сала од 290 м2. Изградена е по примерот на судниците во државите со големо искуство во сузбивањето на организираниот криминал. Комплексот располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, како и за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите, информираше Тупанчески.

Посочи дека судницата нуди најсовремени услови за изведување на судски процеси, додека функционалниот аудио-конференциски систем со кој располага судницата дава можности за судења без физичко присуство на учесниците во судските процеси.

– Користењето на оваа судница ќе има сериозен импакт во насока на намалување на трошоците за судските процеси за обезбедување и транспорт, кои значително ќе се редуцираат. Ќе се обезбеди поголема заштита на безбедноста и сигурноста на граѓаните на главниот град и нема да се наруши непреченото, нормално функционирање на градот преку блокирање на сообраќајот, рече министерот Тупанчески и додаде дека Првото судење во најголемата дигитална судница во Идризово ќе се одржи на 14 декември.

Поврзани новости