Нов увид на автопатот „Струма“ каде со автобус загинаа 45 македонски државјани

by Fokus

Приватна истрага ги утврдува причините за трагедијата со автобусот на Беса транс, по барање на роднините на загинатите. Денеска на автопатот „Струма“ во Бугарија повторно беше извршен увид на местото на настанот, девет месеци по кобниот инцидент. Адвокатот на семејствата, Николај Димитров, во изјава за МИА вели дека се очекува експертскиот тим да провери дали постоеле причинско-последични околности поврзани со автопатот и патната инфраструктура кои евентуално ја предизвикале несреќата.

-Се проверува површината на коловозот, знаците, ознаките и сите други елементи кои можат да дадат одговор на прашањето како точно се случила несреќата. Увидот ќе покаже што недостигало на овој дел од автопатот Струма и дали токму тој недостаток е главната причина за несреќата, вели Николај Димитров – адвокат.

Претходно бугарските државни истражни органи констатираа дека прекумерна брзина, неприлагодена за условите на патот е главната причина за трагедијата. Истражителите од Софија потврдија дека станува збор за човечки фактор, па затоа и тамошното Обвинителство реши да не покрене обвинение.

-Семејствата јасно прашуваат дали е виновен само загинатиот возач или има друга околност што довела до страшната несреќа. Тие го поставуваат и прашањето што се случило со личните работи и багажот на починатите, како и со златни вредни предмети и украси кои ги имале на себе, но не биле регистрирани од бугарските власти и никој не им ги вратил, додава адвокатот Димитров.

Засега не се знае кога оваа паралелна истрага би ги дала првичните наоди за несреќата. Во меѓувреме, кај домашните правосудни власти, во Обвинителството за гонење организиран криминал, беше отпочната предистрага околу работењето на Станицата за технички преглед Виа-комерц, каде автобусот на Беса транс бил регистриран. Наводно, поради утврдени неправилности уште претходно било предложено станицата да се затвори, но тоа се случи два дена по несреќата. Засега по овој случај не се постапува, бидејќи обвинителката Вилма Русковска е суспендирана.

Инаку, трагедијата се случи на 23 ноември минатата година, а животот го загубија 45 лица, меѓу кои и возачот на автобусот. Седуммина беа потешко повредени.

Поврзани новости