Ако пред дваесеттина години се сметаше за дрскост кога младите јасно во свадбените покани ќе им порачаа на гостите да им донесат подарок во плико, денес свадбениот дар во пари веќе стана традиција, без при тоа да треба да се потенцира срамежливо, со мали букви во долниот дел на поканите.
Наместо сервиси, вазни, непотребни украси и разни дребулии, со кои можеби гостите ќе поминат поефтино, или ќе ги купат на рати, стана пракса да се одврзи ќесето и на младите да им се честита со кеш, кој неретко им е потребен на прагот на заедничкиот живот и создавањето на ново домаќинство.
Но она што деновиве е актуелно, кога се подароците во плико во прашање, е покана за детски роденден, која што масовно се споделува на социјалните мрежи.
-Добредојдовте на нашиот прв роденден – пишува во поканата, и покрај датата, часот и ресторанот каде што се одржува забавата, најдоле со мали букви е потенцирано – Наместо дарчиња и бонбончиња, вашето поклонче нека биде во пликчиња! Низа од реакции, помеѓу кои добар дел се критики на сметка на нескромноста на родителите, но и коментари со оправдување за нивната искреност, и опширни дискусии предизвика роденденската покана, за која што дознаваме дека не е единствена, туку во последно време се почесто се канеле гости со подароци во пликчиња дури и во игротеки.
-Срамота е да се бараат пари од гостите, Јас не би одела на роденден ако добијам ваква покана, Гостите сами треба да си одлучат за подарокот, а не да им се бараат пари, Многу е невкусно, Се земаат кредити за родендени и матурски, па се бараат пари од гостите, и многу во други слични коментари се осудува постапката на родителите кои се обвинуваат за дрскост и невкус.
-Ова е исто како помеѓу редови да ни напишале ако не им донесеме пари, воопшто да не доаѓаме – е еден од коментарите. Но има и такви кои ги оправдуваат роденденските покани кои станале се поактуелни, и ги сметаат за многу практичен начин со кој ќе биде задоволен славеникот, односно организаторот на прославата.
-Подобро е и помалку пари да се во плико, наместо подарок кој што ќе стои во подрум – коментираат поддржувачите на овој нов роденденски тренд.
Парите, во секој случај најчесто се подарок од кој што се задоволни славениците, и добиваат можност да си купат тоа што им треба. Сепак, голем дел од гостите сметаат дека е навредливо тоа да им се потенцира, бидејќи секој оди на забава со подарок според своите можности. Посебно кога се слави детски роденден во ресторан, на големо, со многу гости и непотребни спектакли и трошоци, а од друга страна директно се бараат пари за славеникот.
И ако на некој начин купувањето на пегли, миксери и филџани за кафе на свадби излезе од мода, очигледно на повидок е нов тренд со кој што и носењето на детски играчки, книги и облека на родендени ќе стане само историја. А за да звучи тоа помеко и подетски, снаодливите родители веќе и си го пронашле изразот соодветен за детска забава – пликче наместо плико, па кој колку милува, толку нека даде. Класиката, подарокот да те потсетува на оној кој ти го подарил, дури и за роденден, полека но сигурно изумира.
Вики Клинчарова