Фирмата „Секјуриком“ која е чест добитник на тендери за одржување или чистење на државни објекти, доби нов договор вреден 136 илјади евра за тековно одржување на објектот на Собранието.
Според договорот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, тендерот е доделен без електронска аукција, додека критериумот за доделување била најниската цена.
Сопственик на фирмата „Секјуриком“, која често добива милионски суми од институциите и министерствата во изминатите години е австриецот Волфганг Гампер.
БИРН неодамна пишуваше дека фирмата добила тендер за чистење на просториите на Владата и на министерствата, вреден повеќе од 10 милиони евра, но тој бил осмислен и спроведен на начин со кој се елиминира конкуренцијата.
Според истражувањето на БИРН, Владата ѝ овозможила на „Секјуриком“ да се појави како три различни компании на тендерската анкета, само за да се создаде привид дека на пазарот има повеќе од пет фирми способни за обемни работи, сè со цел да не се дели тендерот и со тоа да се намалат шансите на помалите конкуренти.