Обвинителството бара продолжување на куќниот притвор за кумановецот кој го симна државното знаме

by fokus

Основното јавно обвинителство-Куманово денеска поднесе обвинителен предлог за кумановецот, кој пред неколку дена, заедно со уште неколку малолетници, беше осомничен дека симнал и го оштетил државното знаме, а на јарболот закачил знаме на Албанија, во центарот на Куманово.

-Основното јавно обвинителство – Куманово до Основниот суд – Куманово поднесе Обвинителен предлог против Л.К. за сторени кривични дела – Напад на службено лице при вршење на јавна безбедност од чл.383 ст.2 вв со ст.1 и Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од чл.319 ст.1 од Кривичниот законик, информираат од обвинителството.

Оттаму потсетуваат дека осомничениот при обидот да биде спречен, нападнал полицаец и му нанел телесна повреда – набиеница на главата и десната шака.

-Настанот предизвика чувство на раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност кај јавноста, заклучуваат од обвинителството.

Од обвинителството бараат судот да ја продолжи мерката куќен притвор за кумановецот, бидејќи според нив постои опасност да го повтори делото.

-Со оглед на тоа што станува збор за кривично дело од јавниот ред и постојат околности што го оправдуваат стравот дека доколку обвинетиот се брани од слобода ќе го повтори кривичното дело, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово со обвинителниот предлог достави и посебен предлог за продолжување на определените мерки – куќен притвор и мерки на претпазливост. Малолетниот Л.С денеска е сослушан пред судија за малолетници при Основниот суд во Куманово и за него ќе продолжи постапката со изведување на докази., велат од обвинителството.

Поврзани новости