Нов тендер за механизација во РЕК Битола, уште 2 милиони за „Марковски Компани“

Во постапка со преговори без објавување на оглас, АД ЕСМ месецов склучи нови договори за изнајмување на механизација со 3 компании, од кои највреден е оној со „Марковски Компани“.

by Фокус 18:28
18:28

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (ЕЛЕМ) спроведе уште една тендерска постапка по пат на директни преговори без претходно објавување на оглас за ангажирање на помошна механизација за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, во рамки на оваа тендерска постапка, врз основа на рамковни спогодби, АД ЕСМ месецов склучи договори за ангажирање на помошна механизација со 3 компании, чија вкупна вредност изнесува над 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра.

Од државната компанија за производство на струја објаснуваат дека одлучиле да ја применат помалку транспарентната тендерска постапка со директни преговори без објавување на оглас, наместо вообичаената отворена постапка, поради крајна итност.

„Итноста од потребата за реализација на оваа набавка е во насока на одржување на стабилноста на производството на планирани количини јаглен, но и за сите дополнителни планови за производство на јаглен кои во моментот беа неопходни да се изработат со цел олеснување на енергетската криза во која се наоѓа нашата земја“, стои во образложението на компанијата.

Од таму посочуваат дека енергетската криза, чиј максимум доправа се очекува, налага брзо да се реагира во поглед на снабдување на доволни количини на јаглен за работа на термоелектраните во РЕК Битола.

„Моменталната состојба со отежнати услови за реализација на потребните количини на јаглен поради недостатокот од бараната помошна механизација, а со тоа и обезбедување на потребните количини на електрична енергија во моменти на енергетска криза, бараат итна реакција…“, велат од таму.

За таа цел, поранешен ЕЛЕМ по пат на директни преговори склучи договор со „Рудкоп“ од нецели 18 милиони денари, два договори со „Мис-Комерц“ во вкупна вредност од 95,5 милиони денари, како и еден договор со „Марковски Компани“ во износ од 118 милиони денари.

Што се однесува до компанијата што го доби највредниот договор во вредност од над 1,9 милиони евра – „Марковски Компани“, таа на самиот крај на минатата година склучи уште еден договор со ЕСМ за изнајмување на механизација преку преговори без објавување на оглас во износ од 4,2 милиони евра.

Неколку дена претходно, пак, двете страни во иста постапка со преговори склучија и рамковна спогодба по пат на директни преговори, врз основа на која е склучен договор за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот во вредност од 19 милиони евра.

Како што веќе пишувавме, „Марковски Компани“ е во сопственост на Борче Марковски, кој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.

Инаку, оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, актуелниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ја обвини фирмата дека е блиска до Сашо Мијалков.

Но, неделникот Фокус пишуваше дека „Марковски Компани“ продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта и раководството на државната компанија за производство на струја, па дури во овој период го зголеми растот.

Кон крајот на ланската година, ЕСМ спроведе редовна постапка за ангажирање на механизација во РЕК Битола, која беше поделена на 14 дела или лота, меѓутоа беше донесена одлука за делумен избор на понудуачи, а повеќе делови од набавката беа поништени.

Имено, официјалните податоци говорат дека набавката била проценета на 364 милиони денари, при што биле склучени договори со „Марковски Компани“, „Рудкоп“, „Зимак“ и „Дигер“ од 121 милиони денари.

Оттука, сегашната итна постапка со преговори изнесува колку разликата од предвидените средства, што не биле потрошени во редовната отворена постапка за изнајмување на механизација за РЕК Битола.

Влатко Стојановски

Поврзани новости