Попладнево пред Владата започна нов протести на граѓаните против скандалот на Клиниката за онкологија. Стотина граѓани со транспаренти побараа правда за сите оние кои го изгубиле животот на оваа клиника.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите. Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, порачаа насобраните.
Протести кои се организираат од почетокот на месец септември на почетокот беа помасовни. Јавноста беше згрозена од откритието на новинарите дека на Клиниката за онкологија можно е некои пациенти да не ја примале потребната терапија, како и дека се крадат лекови, па дури дека и се доделуваат државјанства на лица од соседните држави, само да можат да се лекуваат кај нас.
Обвинителството ги истражува овие наводи, но осомничените лица продолжија да одат на работа, затоа што за нив нема покренато никакво обивинение.