Владејачката СДСМ соопшти дека на денешната седница на Централниот одбор по предлог на генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски, за нов организациски секретар на партијата едногласно е избран Митко Трајчулески.
„Трајчулески е магистер по меѓународна политика и дипломатија, има 43 години, член е на СДСМ од 1996 година и има долгогодишно работно, професионално и партиско искуство. Претседател е на партиската комисија за транспорт и врски на СДСМ“, соопшти СДСМ.
Трајчулевски моментално ја извршува функцијата Државен секретар во Министерството за транспорт и врски, каде претходно работел како шеф на кабинет во Министерството.
„За време на професионална кариера работел во Секретаријатот за Европски прашања во Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ. Централниот одбор и раководството на партијата му се заблагодари на досегашниот организациски секретар, Вангел Андрески, за досегашниот ангажман и даден придонес“, соопшти СДСМ.
Од владејачката партија велат дека изборот на нов организациски секретар на СДСМ доаѓа откако Андрески поднесе оставка на оваа позиција поради нов професионален ангажман во ново основаното општинското претпријатие, ДОЕЕЛ Енергија Центар.