По првиот неуспешен обид да се промени Законот за амнестија по предлог на граѓанска иницијатива, со новата Влада и новото мнозинство во Собранието следува нова шанса, пишува порталот А1Он. Граѓанската иницијатива за правата на осудениците со изменет предлог повторно ќе се обиде да направи промена во досегашниот Законот за амнестија.
Измените во новиот предлог се однесуваат на воспоставување условна амнестија за осудените лица, односно на осудениците од страна на судија да им биде одреден временски период во кој тие ќе бидат на слобода,но не смеат да сторат ново кривично дело. Должината на условната казна ќе се одредува во зависност од тежината на кривичното дело кое го сториле.
– Сите ослободени лица од условна амнестија не смеат да направат ново кривично дело. Доколку го сторат тоа, го одлежуваат делот од амнестијата и повторно се казнуваат за стореното кривично дело. Условната амнестија да биде според според тежината на делото од 30 до 50 отсто. Има полесни кривични дела кои не можат да бидат споредени со потешки кривични дела, вели за А1он Мери Николова која важи за предводник во иницијативата за правата на осудениците.
Новиот предлог-закон кој ќе биде доставен до Собранието предвидува казната за доживотните пресуди да се преименува од казна во букви во казна во бројки, односно доживотната пресуда да се преиначи во казна од 20 години.
Предлог законот ги опфаќа лицата во бегство за кои се предвидува повторување на судењето, но без притвор.
– Има голем број на лица во бегство кои сметаат дека се невини, а барано е да бидат затворени. Тие се сигурни дека нивните пресуди се наместени. Предлогот за овие лица е да им се одземат пасошите и да бидат под надзор, но не и дирекно да се затворат, вели Николова која смета дека неправедно осудените ќе бидат во подобра можност да се бранат додека се на слобода, за разлика од кога се затворени.
Според Николова, сите условно ослободени осуденици кои се невино осудени треба да имаат можност да побараат ревизија на кривичното дело кое го сториле. Доколку се утврди дека бесправно лежеле во затвор треба да добијат максимална парична исплата како оштета.