Насер Нуредини, син на познатиот бизнисмен со потекло од Македонија, кој долги години живее и работи и во Виена, Аки Нуредини, и воедно зет на академикот и универзитетски професор Абдулменаф Беџети, се споменува како најсериозен кандидат за нов министер за животна средина, велат за Фокус добро упатени извори од ДУИ. Како што посочуваат тие, во партијата неофицијално се говори и расправа за оваа варијанта, меѓутоа, истакнуваат нашите соговорници, се уште нема официјална одлука.
– Партискиот лидер Али Ахмети се залага за ова решение, но наидува на отпор на дел од партиските структури, претежно од полошкиот регион, кои сметаат дека партијата треба да се отвори за млади кадри, ама не со кандидати кои немаат врска со ДУИ и со водење на државна институција. Затоа, ангажирање на ваков профил на човек би го демотивирало членството. Сепак, постојат и размислувања дека тоа би испратило силна и обединувачка порака, особено на релација ДУИ-СДСМ – вели висок партиски функционер.
Како што е познато, Насер Нуредини е во образован и Виена и моментално работи во банка во главниот град на Австрија, каде неговиот татко, Аки Нуредини, своевремено емигрирал. Тој го отворил ресторанот „Соле“, кој во меѓувреме израснува во угостителски бренд со над 30-годишна традиција, каде се собира светскиот оперски крем. Нуредини, чие потекло е од тетовското село Камењане, е прогласен за почесен граѓанин на Виена и е носител на титулата Златен медал и Златен крст, што претставува највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја.
Доколку Ахмети успеа да ја протурка својата намера низ партиските органи, а помладиот Нуредини прифати да биде нов министер во владата на Зоран Заев, како што, според нашите извори, го убедуваат постарите членови во потесната и пошироката фамилија, тогаш тој ќе го зазеде местото на актуелниот министер за екологија Садула Дураку. Но, во таков случај Дураку нема да остане без функција, бидејќи информациите одат во насока дека тој ќе стане прв човек на новоформираното Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците.
Инаку, ова министерство е воспоставено како замена на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, кој по формирањето на актуелната влада го предводи Хазби Лика. Како што брифираат од Мала Речица, во рамки на претстојната реконструкција што ја најави премиерот Заев, тој ќе биде единствениот елиминиран министер од редовите на албанската партија. И покрај одредени забелешки од партискиот врв, но и од страна на поголемиот коалициски партнер, другите министри на ДУИ во ресорите економија, образование итн. треба да ги задржат сегашните функции.
Новиот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вчера изјави дека во тек се консултации на Заев со коалициските партнери, така што, според него, до крајот на неделава треба да има појасна слика околу кадровските промени. Освен во министерството за земјоделство, од каде си заминува Николовски, се шпекулира дека промени се можни во транспорт (Горан Сугаревски), финансии (Драган Тевдовски) и др., додека не се исклучува ниту замена на ресори (транспорт за образование и сл.). Деновиве Заев индиректно најави дека министерските позиции ќе ги задржат Радмила Шеќеринска (одбрана), Рената Десковска – Треневска (правда), Мила Царовска (труд и социјала), поради малиот број на членови на владата од понежниот пол.
В.С.