Владата на почетокот на месецов склучила нов тригодишен договор за софтверски лиценци вреден 24 милиони евра со компанијата „Аитоникс“, откако биле дисквалификувани конкурентските компании поради „формални недостатоци“, така што за прифатлива била оценета само понудата на истата компанија што го доби овој тендер и во 2020 година, кога договорот изнесуваше 16 милиони евра.
„Во првичната процедура, Комисијата носи одлука за поништување и следно постапката станува предмет на задолжителна управна контрола на Бирото, која пак утврдува дека од понудените четири понудувачи, три имаат формални недостатоци, а еден од понудувачите ги исполнува условите“, ни одговорија од Владата.
Всушност, според податоците од Бирото за јавни набавки, елиминирани биле „Комтрејд Дистрибуција“, Телелинк Бизнис“ и „Softwareone“, кои поднеле првична понуда, но не ја минале фазата на евалуација. Па така, во игра останала само „Аитоникс“, која го добила договорот за „Софтверски пакет за управување со лиценци“ како носител на конзорциум каде членувала „Крејон Македонија“. Не добивме информација зошто биле дисквалификувани 3 од 4-те понудувачи.
„Согласно законската обврска, оваа набавка за бараните Мајкрософт лиценци се одвива електронски така што тендерската документација, тендерската спецификација и склучениот Договор се јавно објавени на страната на Бирото за јавни набавки и истите се јавно достапни документи. Согласно постапката која беше објавена, извршена е набавка од најсоодветниот економски оператор“, стои во одговорот од владата.
Пред објавувањето на оваа постапка за јавната набавка, Генералниот секретаријат на Владата, со кој моментално раководи Методија Димовски, спровел истражување и консултации со релевантните институции како резултат на што бројот на институции вклучени во оваа набавка е зголемен и изнесува 22, за разлика од претходната која била за направена за 18 институции.
„Генералниот секретаријат во овој случај постапува согласно инструкциите на Бирото за јавни набавки, односно согласно записникот за извршена управна контрола и Комисијата при повторна евалуација го прифаќа предлогот и носи одлука за избор на конкретниот економски оператор кој ги исполнува условите. Согласно насоките од записникот на Управната контрола, каде што е посочен само еден понудувач кој ги исполнува условите, Генералниот секретаријат немаше можност да ја спроведе електронската аукција“, појаснуваат од Илинденска.
Во врска со овој милионски договор, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Наум Стоилковски посочи дека договорот од 26 милиони долари за софтверски лиценци за администрацијата е последователен за истата фирма којашто и во 2020 година склучи договор со владиниот секретаријат вреден 16 милиони евра.
–Како е можно договор за лиценци којшто пред 3 години вредел 16 милиони евра, сега да тежи над 26 милиони евра? Во кој дел владата во овие три години го напреднала работењето, услугите на администрацијата, за да сега за лиценци и компјутерски програми плаќа дури 26 милиони евра, односно дури 9 милиони евра повеќе? – праша Стоилковски.
Воедно, тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски и еден од првите луѓе на „Аитоникс“, Марко Андонов, кој е претседател на одборот на директори, биле колеги од приватен универзитет во Скопје, додека веднаш откако „Аитоникс“ го добила првиот договор за софтверски лиценци во 2020 година Андонов станал почесен конзул Грузија во земјава.
–По само три години, Ковачевски е премиер, а „Аитоникс“ на колегата професор од иститот факултет, сега зема не 16, туку 25 милиони евра. Рекорд, па рекорд. За иста услуга – лиценци за програми за администрацијата. Зошто во 2020 кога Ковачевски е заменик министер, услугите чинат 16, а сега дури 25 милиони евра? Што е тоа зголемено за цели 10 милиони евра разлика, освен што Ковачевски бил заменик министер, а сега премиер? – праша Стоилковски.
Инаку, неделникот „Фокус“ своевремено пишуваше за првиот договор за софтверски лиценци, кој со „Аитоникс“ го склучи тогашниот владин генерален секретар Драги Рашковски, непосредно пред да ја напушти функцијата, по што беше обвинет и подоцна првостепено осуден поради тендерот за софтвер за безбедност во сообраќајот. Впрочем, првиот договор се склучува непосредно по парламентарни избори, кога се уште не е избрана старо-новата влада.
Како што пишувавме тогаш, овој тендер го добија „Крејон Македонија“ и „Аитоникс“ здружени во конзорциум, и тоа во втор обид, со избришани услови за техничка и професионална способност. На крајот, фирмата што ја поништи првата не учествуваше во повторената постапка, а победникот беше решен со разлика во цена од само 200 евра.
(АРХИВА) Кој профитира од милионските тендери на Рашковски за софтверски лиценци и сирера-систем?
Влатко Стојановски