Новиот предлог концепт за основно образование најавен од Министерството за образование отвори многу прашања и предизвика нејаснотии во јавноста. Што всушност предвидува овој концепт кој од наредната учебна година треба да се воведе во прво и шесто оделение?
Интегрирани предмети, тематско учење и тројца наставници
Најголемо негодување во јавноста предизвика спојувањето на повеќе предмети во еден интегриран предмет. Со оглед на политичкиот контекст во кој се наоѓа Македонија, спојувањето на предметите историја, георафија и граѓанско општество во еден интегриран предмет: општествени науки, дел од јавноста го протолкува како укинување на предметот историја со цел да и се угоди на Бугарија. Министерката Мила Царовска категорично ги отфрла овие тврдења и вели дека ваков модел на интегрирани предмети има во многу земји, а и во приватните училишта во Македонија.
Освен општествени науки, другите интегрирани предмети ќе бидат природни науки (биологија, физика, хемија и географија), како и уметнички науки (ликовно и музичко). На ова реагираа и дел од наставниците кои се плашат дека со укинувањето на посебните предмети може да останат без работа. Од МОН велат дека никој нема да остане без работа, а од Бирото за развој на образованието објаснуваат дека професорите кои досега ги предавале посебните предмети, ќе ги предаваат и интегрираните.
„Наставата по интегрираните наставни предмети ќе ја изведуваат наставниците кои и до сега ја изведуваа наставата, за општествени науки тоа се наставниците по историја, географија и граѓанско образование, односно по биологија, хемија, физика и/или географија за природните науки. Во зависност од начинот на којшто ќе биде развиена наставната програма (модуларно, тематски) така и ќе се одвива наставата, па секој наставник одредениот проблем/тема ќе ја обработува со учениците од перспективата на соодветната дисциплина. “, велат од Бирото за развој на образованието.
Ова значи дека еден интегриран предмет ќе го предаваат тројца наставници, секој од перспектива на својот предмет. Тоа ќе изгледа вака:
Интегриран предмет: Општествени науки
Тема: Развивање на култутри и прифаќање на мултикултурноста
Наставникот кој досега предавал историја ќе ја обработува темата како „Споредба со древни култури, цивилизации и фактори за развој“.
Наставникот кој досега предавал граѓанско образавание ќе ја предава темата од аспект на „Почитување на сопствените и другите култури“.
Наставникот кој досега предавал географија ќе ги учи учениците за „ Ширење и меѓусебно влијаение на културите и глобализација“.
Новиот концепт повлекува и менување на студиските програми за наставници
Високото образование продуцира наставен кадар кој одговора на сегашните посебни наставни предмети во основно образование. Бидејќи новиот концепт предвидува различни, односно интегрирани предмети, се наметнува прашањето дали ова ќе повлече и менување на студиските програми на факултетите.
Од Бирото за развој на образвованието велат дека тие не се надлежни за високото образование и ќе ги почитуваат и ќе го планираат во нормативот за наставен кадар соодветниот наставен кадар за изведување на настава по одделните дисциплини.
„Со оглед на тоа што сите дисциплини и понатаму се изучуваат во основното и средното образование и понатаму истите кадри ќе бидат планирани за изведување на наставата. Доколку факултетите сметаат дека е потребно да ги менуваат и осовременуваат студиските програми тоа е во рамките на нивната надлежност и автономија.“, велат од Бирото.
Дека сепак се планира и менување на студиските програми во иднина, потврдува најавата на министерката за образование, Мила Царовска дека наскоро ќе оди на состанок со деканите, за, како што рече, идниот кадар да биде усогласен со новата концепција.
Наставниците ќе може да напредуваат во наставници ментори и советници
Друга новина која ја предвидува новиот концепт е и кариерно напредувања на наставниците, кое сега го нема. Веќе од наредната година наставниците ќе може да аплицираат за наставници ментори, а од 2022 ќе биде воведена и највисоката позиција: наставници советници.
„Многу важно е: досега наставниците немале кариерен развој. За првпат поставуваме наставници ментори. Оние кои е се најдобри по мерит систем ќе станат ментори во училиштата. Тие ќе се грижат за имплементација за новиот концепт, за квалитетот на наставата, за подрршка на создавање материјали. Во 2022 година ќе се изберат и првите наставници советници, што ќе биде највисок степен. Значи, наставниците ќе имаат можност за кариерен развој“, вели Царовска.
Новите учебници ќе бидат дигитални
Новиот концепт ќе донесе и нови учебници. МОН планира да печати учебници од прво до трето одделение, додека учебниците за повисоките одделенија ќе бидат дигитални интерактивни учебници. Се чека пресметка колку ќе чини изработката на учебниците според новиот концепт.
Бирото за развој на образованието е надлежно за наставните програми, прирачници и наставни материјали. За изработка на новите наставни програми нема да има зголемување на буџетот на Бирото.
„Бирото за развој на образованието во рамки на своите надлежности го планира буџетот за реализација на сите активности, како што се изработка на наставни програми, прирачници, наставни материјали, истражувања во областа на образованието и други активности. Со оглед на тоа што, речиси, секоја година се реализираат активности во Бирото коишто произлегуваат од овие надлежности, Бирото располага речиси со ист буџет како и во изминатите години,“ велат од Бирото.
Фински модел или бугарска желба
МОН најави дека новиот концепт за основно образование ќе има јавна презентација наредната недела, каде ќе бидат појаснети сите спорни и нејасни моменти кои ја вознемирија јавноста.
Министерката Царовска вели дека концептот за основно образование ја дава само контурата, а од јануари ќе се прават наставните програми. Како што објасни, концептот е сличен на финскиот модел, но прилагоден на нашите услови и контексти. Тврди дека реформата не е избрзана, бидејќи се темели на анализи кои се правени во изминатите четири до пет години, а во планирање на концептот била вклучена работна група од 13 стручни лица: луѓе од природни науки, од општествени науки, луѓе кои разбираат образовни системи.
„Во овој момент е поважно организирањето на темите поставени во општествените науки да ги опфати сите факти и знаења што треба да ги имаат учениците и за националната историја и за историја на Европа и за светската историја. Тоа е поважната дебата која ние треба да ја дискутираме, низ наставните програми кои што ќе се носат сега. Како историјата треба да биде прикажана, што е она што тие ќе го учат, што е тоа што досега го имаме во учебниците. И како најдобро да ја приближиме и националната историја и другите истории до учениците“, изјави Царовска во едно од многуте гостувања по националните телевизии.
Но, дел од академската фела, особено историчарите се категорично против укинување на историјата како посебен предмет. Тоа го гледаат како удоволување на барањата на Бугарија.
Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, во реакција од сите членови на Институтот, бара Министерството за образование и Владата да го повлечат најавениот концепт за спојување на наставниот предмет историја со други предмети.
Во дел од нивната реакција се вели дека концептот предвидува, како што велат, интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор.
Тие велат дека нив никој не ги консултирал за новиот концепт за образование и за интегрирање на историјата во предмет општествени науки.
Проф. д-р Катерина Тодороска, доктор по историски науки во Институтот за национална историја при УКИМ во изјава за Фокус вели дека историјата е учителка на животот не затоа што е вчерашен предмет во училиштата, туку е вековна егзистенцијална потреба на секоја држава.
„Историјата е темелот на државата. Доколку некој си игра со историјата, си игра со државата. А тоа можат да го “осмислат” само умови подложни на слаборазумност. Историјата била и ќе остане учителка на животот само за оние кои знаат да учат“, вели професорката.
И додека Министерството за образование на големо го промовира и објаснува предлог концептот и планира да почне кампања „Факти и митови за концептот за основно образование“, дел од јавноста останува во дилема: фински модел или бугарска желба.
Катерина Смилева Божиновска