Без возови, бродови, без вести и информативни емисии, со затворени банки ќе биде денеска Грција и без метро и со скратено работно време на автобусите и тролејбусите во Атина, без јавен превоз во Солун, поради новиот 24-часовен штрајк што започна во 6 часот утрово.
Синдикатот на работници на Грција за денеска закажа 24-часовен штрајк, а учествува и синдикатот на вработените во јавниот сектор со неколкучасовен прекин на работата, односно од 11 часот до крајот на работното време за да го искажат нивното незадоволство од законот за развој што го предлага владата во однос на колективните договори, работничките права и новите регулативи за синдикатите.
Денешниот штрајк го поддржаа и новинарите во приватните и државните медиуми кои од 6 часот утрово до 6 часот утре нема да емитуваат вести и информативни емисии.
Во истиот период, бродовите ќе останат закотвени на пристаништата, возовите паркирани на железничките станици.
Федерацијата на вработените во основните училишта ги повика наставниците да прекинат со работа од 11 до 14 часот, а федерацијата на вработени во државните болници најави прекин на работата од 10 до 15 часот.
Во Атина проблеми има и во јавниот превоз, со оглед на тоа што грчката престолнина денес е без метро, а автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат од 9 до 21 часот, а трамвајот од 9 до 15.
Активностите на синдикатите и денешниот штрајк го поддржаа и од опозициската СИРИЗА кои ги повикуваат граѓаните масовно да излезат на протест.
Синдикатите за 11 часот закажаа собир на еден од плоштадите во центарот на Атина и протест до грчкиот Парламент. Како и секогаш, синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, организира одвоен собир.
Демонстрации ќе се одржат и во Солун.
Грција и минатата седмица беше парализирана, поради 24-часовниот штрајк организиран од вработените во јавниот сектор, а поддржан од голем број федерации и работнички здруженија.