Норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт ги демантира информациите изнесени пред два дена од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во Собранието, дека норвешки воени експерти оцениле дека македонскиот главен хирург, предводник на македонскиот тим, не знае да изврши основни хируршки операции.
– Пред два дена, пратеникот Бојан Стојаноски во Собранието тврдеше дека има информации за содржината на норвешкиот воен извештај. Тој тврди дека во овој извештај норвешките воени експерти оцениле дека македонскиот хируршки тим не може сам да ги извршува своите должности. Тој исто така тврди дека македонскиот главен хирург не знае да изврши основни хируршки операции. Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат, вели во соопштението норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт.
Тој прашува дали Стојаноски самиот ги смислил овие информации или ги прифатил некритички од некој друг што ги кажал?
Второ, нагласува норвешкиот потполковник, обвинувањата против членовите на македонскиот хируршки тим не се точни.
– Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно. Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо, подвлекува потполковникот Далтвејт.
Тој информира дека му пишал на Стојаноски и бил во контакт со раководството на неговата партија.
– Заедно со раководството на партијата го замоливме јавно да се извини. За жал, јавно извинување немаше. Тој само ми испрати мејл во кој ги обвини медиумите за она што го кажал, како тој самиот да не е одговорен за своите зборови. И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста, истакнува норвешкиот потполковник.
Тој објаснува дека на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, и се дадени обврски да обезбеди различни можности на Алијансата. За ова било дискутирано од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на состанок со претседателот Пендаровски на 11 септември 2020 година.
– Една од потребите е и теренски хируршки тим и беше разгледано како да се развие според високите стандарди на НАТО. Подоцна, истиот ден, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералот Васко Ѓурчиновски заедно официјално ме прашаа дали Кралството Норвешка е подготвено да обучи македонски хируршки тим и да го интегрира во теренската болница предводена од Норвешка во Кабул, како дел од операцијата „Одлучна поддршка“, Мисија на НАТО Авганистан. Норвешка го прифати ова, а тимот дојде во Норвешка на обука на 15 јануари и беше распореден во Авганистан во март, објаснува потполковник Далтвејт.
Тој додава дека е нормално хируршкиот тим на вооружените сили на Северна Македонија, да не биде 100 отсто подготвен на почетокот на обуката. – Не беше ниту тимот на Норвешка, вели Далтвејт.
– Обуката беше спроведена од Норвешката здружена воена медицинска служба, а методологијата и квалитетот на обуката се такви што многу од поголемите земји на НАТО, како што се САД, испраќаат свои тимови во Норвешка да учествуваат во ваков вид обука. Накратко, тие се обучуваат од некои од водечките експерти за трауматска хирургија во светот. И во норвешкиот хируршки тим, со кој ќе бидат распоредени, се медицински професионалци од светска класа. Ние ги предизвикавме вашите мажи и жени исто толку тешко за време на обуката, како и нашите мажи и жени. И, ние му ги дадовме на вашиот тим истите привилегии кои ги имаат нашите, вклучувајќи и вакцинација против Ковид-19, вели Далтвејт.
Тој посочува дека во февруари на некои македонски веб-страници биле објавувани лажни обвинувања против македонскиот хируршки тим, обучуван во Норвешка и оти во тоа време тој ги демантирал лажните тврдења.
– По обуката, не беа изразени официјални поплаки или извештаи од норвешка страна против кој било поединец од македонскиот тим или против тимот како таков. За време на обуката, се разбира, беа идентификувани бројни области за подобрување и за тимовите и за сите поединци. Видовме дека членовите на вашиот тим многу сериозно ги сфатија повратните информации и работеа напорно за да го постигнат стандардот од светска класа на кој инсистираат обучувачите, се вели во соопштението на норвешкиот одбранбен аташе потполковникот Егил Далтвејт.