Ноќе преспиваме на пазарот, пандемијата не покоси, велат пазарџиите од Росоман

by Fokus
Пазарот во Росоман, Кавадарци, нема патник кој поминал низ општината, а да не го знае, или пак да не застанал да купи нешто од производите кои се нудат.
Покрај свежо овошје и зеленчук, росоманскиот пазар е познат и по зимницата, која продавачите ја приготвуваат сами, од производите од своите ниви и градини. Ајвар, слатко, туршија, разни специјалитети, зачини, ликери, овде може да се најде се.
Околу 40 до 50 продавачи се редовни на тезгите, од кои освен во тек на цел ден, некои работат дури и ноќе, 24 часа се таму доколку наиде некој патник. На пазарот запревме некаде околу полноќ. Но и покрај тоа што во општината се беше затворено и улиците беа празни, покрај тезгите сепак имаше раздвиженост.
Паркирани неколку автомобили, луѓе од други градови на пропатување си купуваат од производите, а тезгаџиите, околу десеттина на број, ги довикуваат и ги фалат своите продукти.
-Во тек на цело лето јас останувам овде цела ноќ, тезгата не ја затворам. Ако до лани странците кои одеа или се враќаа од одмор ми беа редовни муштерии и купуваа по цели пакети зимница, ова лето теглите останаа. Корона вирусот не покоси сите, нема која да купува, нашите купуваат, ама по малку, бидејќи и самите дома си прават зимница. Во голема криза сме. Се случуваше патници од други земји редовно, секое лето да доаѓаат и да го полнат багажникот, некои дури и ми бараа телефонски број, правеа порачки што да им спремиме. Ајвар, лутеница, слатко, џем, не знам по колку тегли продавав. Еве ги сега, теглите стојат на полиците, не можевме да претпоставиме дека вакво нешто ќе се случи- раскажува продавач кој со години наназад продавал на пазарот.
Жената која што имаше изложено тегли со зимница до неговата тезга, исто така ни се пожали на кризата. Вели дека десетици години ја продавала својата зимница на пазарот, ама ваква криза никогаш не памети да се случила.
-Се ни остана, целиот труд. Заработка минимална, од свежо овошје и зеленчук. Нема купувачи, нема пари. Нашите застануваат со возилата, ќе купат по некој килограм праски и толку. Корона вирусот ни ја направи оваа година многу тешка – вели таа.
На заминување ни нуди праски, нектарини, цела гајба за 200 денари. Еден килограм од свежото и вкусно овошје излегува околу 30 денари. Ги купуваме, а таа не испраќа со зборовите „Со здравје да се јадат, и сите да сме живи и здрави. Оти од еден вирус еве видовме, цел свет падна на колена, најмногу ние што чесно со труд си заработувавме“.
Вики Клинчарова

Поврзани новости