Но, Македонија не е Украина!

by Фокус

pero dimshovskiВисока фигура на човек облечен во долго палто, шешир и темни наочари со тешкотии се пробива низ со снег прекриениот пат кој го поврзува аеродромот со малото гратче на северот на Финска. Одеднаш, во далечината се појавува црн Цитроен-жаба и со голема брзина се разминува со личноста која продолжува пешки да оди по патот… Вака драматично и таинствено започнува еден од романите на најславниот писател на шпионски романи, Џон ле Каре, каде шпионите на една служба трагично завршуваат упаѓајќи во сопствената мрежа која ја поставиле за да уловат шпиони на непријателската служба, шпиони за кои, на крајот на романот, ќе стане јасно дека не постојат и се производ на фантазијата и погрешните проценки на службата која ја поставила мрежата.

ГЕОПОЛИТИЧКИ ИМПЛИКАЦИИ

Дека вакви сценарија се случувале за време на Студената Војна доказ се тековните настани во Македонија, земјата која се нашла исцртана во долната половина на салфетката во Јалта. Дека некој пак ја смета таа салфетка за важечки документ се виде и од изјавата на Лавров во Босна, кој јасно кажа дека ширењето на НАТО во Босна, Србија и Македонија би значело директна провокација за Русија.

За да се разбере тежината на оваа изјава филмот треба да се врати на почеток, не на оној вистинскиот, кога се сруши ѕидот во Берлин, туку од епизодата кога Македонија започна да игра улога во геополитичкото поткусурување иницирано од Русија. Имено, влегувањето на Мајданци во зградата на Парламентот во Киев и бегството на Јанукович од Украина е моментот кога започнаа невољите на тековната Влада во Скопје. Причините за тоа се нереални и неиздржани, и базирани на погрешни процени, најдобро опишани во романите на Џон ле Каре.

Имено, личните добри односи на првиот Македонски шпион со сега веќе непостоечката влада на Јанукович, за која сите знаат дека беше само една обична руска испостава, не се доволна сила која би можеле да ја спречат Македонија на патот кон евроатланските интеграции, па и доколку зад нив би застанал, не конспиративно како сега, туку отворено и гласно, лично Владимир Владимирович. За ова постојат две причини.

СРАЗМЕР НА СИЛИ И НАМЕРИ

Првата се однесува во односот на силите во земјата. Евроатлантските сили, иако дезорганизирани, дефокусирани и фракционирани по партиско-етничка основа, доколку се отворат сите карти, сепак се посилни од силите на авторитаризмот кои веќе ги отвораат картите и покажуваат стремеж кон милитантен тоталитаризам и припремаат терен за меѓуетнички конфликт (план „Б“), доколку не успеат да добијат уште едни избори врз национал-социјалистичка основа (план „А“), со исфрлање на тезата која нашироко ја пропагираат, дека единствени добитници од сегашнава криза се ДУИ и Албанците, а пак СДСМ ќе го продаде името доколку дојдат на власт. И токму затоа на Македонија ѝ е потребна цврста рака и докажан шпион за справување со нив.

Оваа теза е исклучително моќна. Впрочем, опозицијата не успеа да ја разобличи и амортизира нејзината мобилизаторска моќ кај Македонците во изминатите неколку изборни циклуси, најмногу заради фактот што и самата, иако несмасно, се обиде да кокетира со истата и не зазеде доволно јасно алтернативна позиција.

И затоа не е случајно што оваа монструозна теза е на директна линија со Руското МНР, кое порача дека аферата Пуч може да премине во меѓуетнички конфликт. Секако дека ќе премине, особено доколку некој се обиде да ја разобличи нивната номенклатура во Македонија. Но Македонија не е Украина, доколку дојде до конфликт, номенклатурата ќе се најде опкружена од надвор, а внатре во земјата ќе се соочи со мотивирана и детерминирана сила решена да оди до крај по било која цена.

Втората причина поради која нема да успеат се наоѓа во вистинските намери на државата чиј преставник го упати предупредувањето. Имено, Русија не е во можност да испрати трупи на Балканот, но е во можност да го дестабилизира (Македонија во моментов е прва на листа за дестабилизација и води пред Босна и Косово). Тогаш, што е намерата? Може да биде само една, геополитичко поткусурување, односно, Лавров во Босна понуди стабилен Балкан за признавање на новиот статус на Крим, односно за признавање на Русија како фактор за стабилност (поточно, нестабилност) на Балканот.

И токму поради ваквата зацртана цел, Русија може да биде флексибилна во однос на македонската криза и затоа не е исклучено да одигра и позитивна улога, рамо до рамо со Западот, што секако, гледано долгорочно, тоа би ѝ била најисплатлива политика, особено ако се земе во обзир историското наследство и природната наклонетост на македонските граѓани кон руската култура. Впрочем, не е исклучено во некоја среднорочна иднина и Русија да биде членка на сите евроатлантски структури кон кои сега се стреми и Македонија.

Поради овие околности, доколку власта продолжи со истите политики, само повеќе ќе се заплеткува во сопствената мрежа и многу брзо нема никому да му биде од корист.

ПАТОТ ДО НЕУСПЕХОТ

Се разбира, вистинските проблеми на власта на Груевски се од внатрешна природа и тие траат подолго време. Корените на нестабилноста потекнуваат од почеток на 2008 година, кога се донесе судбоносната одлука да се оди на вонредни избори. Цената за победата беше превисока. ВМРО-ДПМНЕ од една модерна демохристијанска Европска партија се претвори во грас-рутс движење, но со строго централизирана управувачка структура (грас-рутс движењата на Запад немаат центри од кои се управуваат), и по политиките на нагласен национализам и фатализам, а и некои егзибиционистички практики (политика поради шоу и маркетинг) почна да наликува на движењето Хамас од Блискиот Исток. Трајните вредности се ставија во служба на маркетингот и дневната пропаганда, а конзервативизмот како идеологија беше напуштен и во економијата и во општото практикување на власта.

Така на пример, од 2006 до 2008/9, државниот долг се намалуваше а и немаше поголеми вработувања во државната администрација. После изборите, ветеното (јавно и она во четири очи на финансиерите на кампањата) мораше да се оствари и почнаа практиките на немилосрдното надворешно задолжување и вработувањата во државната администрација, претежно од таканаречени партиски кадри, односно луѓе кои се сетија дека се големи вмровци после победата во 2008, кои ги заменија дури и членовите на најблискиот тим на Никола Груевски, кои самиот тој грижливо го составуваше две години додека беше во дебела опозициска илегала, а партијата имаше не повеќе од 15 активни членови во сега веќе далечните 2004/05-та.

Да се разбериме, оваа беше трета изборна победа на партијата на тој тим под раководството на Никола Груевски (и тоа извојувани една на локалните и две на парламентарните избори), кој лично претходно, пак, доживеа три изборни порази (во 2002, на претседателските и на референдумот за локалната самоуправа), тимот беше прекален и уигран и немаше никаква потреба од кадровски или пак сериозни промени во политиката или пак зголемување на членството.

Како и да е, дел од слободномислечките кадри беа како кучиња исфрлени од партијата веднаш после изборите во 2008, а дел од нив беа принудени на оставки или избркани нешто подоцна, во летото 2009-та. Некои од нас сами си заминаа со јавен протест поради промената на основните политики и напуштањето на евроатлантскиот курс на партијата. На сцена стапи апсолутистот Груевски, заокружен од полтрони и светнат од жестока пропаганда платена од буџетот на РМ, пропаганда која премина во градење на култ на личноста, кој себе си си ја даде ултимативната цел, да биде спасителот на народот и да ги исправи сите историски криви Дрини нанесени на напатениот и неизживеан народец.

Стремежите на десничарската ВМРО-ДПМНЕ, каде државата колку што е можно повеќе го отстапува теренот на граѓаните, а човекот и заштитата на неговите универзални права се во центарот на политиките на владата, беа дрско згазени. Во релевантните извештаи почнаа да се редат политички затвореници, партизација на јавната администрација, злоупотреба на буџетот и други неправилности што го подигна алармот во Брисел и Вашингтон кои сепак беа толерантни према овие девијантности и благо укажуваа како да се надминат.

И ова така ќе траеше барем до крајот на мандатот на Груевски доколку не се случеше кризата во Украина. Западот, а Германија и САД пред сѐ, изненадени од воената интервенција на Русија, почнаа да ги преиспитуваат своите политики, при што наново беа препрочитани извештаите од нивните амбасади и анализи после што јавно порачаа, преку неколку настапи на Меркел, Обама и други лидери, дека нема да толерираат авторитарни практики никаде во Европа или пак Русија.

Оваа порака беше наменета не само спрема Русија, туку и спрема неколку други влади во централна и југоисточна Европа вклучувајќи ја и Македонија. Ова беше знак, дека после нападот на Германија врз Полска во 1941 година, сега повторно сме сведоци на процес на солидаризација, консолидација и мобилизација на Западната цивилизација, а во географскиот и политички центар на тие настани се наоѓа Македонија, земја, новооткриена од Руски тајкуни и Индиски махараџи. Ако си на власт а ова погоре не ти е јасно, не си ја заслужил власта!

РАЗРЕШНИЦА

Овие надворешни настани само ја забрзаа внатрешната негативна динамика на процесите во Македонија. Македонските патриоти на служба во тајната полиција кои наводно доставиле материјали кои откриваат големи злоупотреби до опозиционата СДСМ, а преку неа до целокупната јавност, ги направија промените неминовни. Сега е време да се прекине со ретроградните политики и да се стабилизира државата. Затоа, повеќе од итна е потребата за прекинување на погореопишаните пропагандни националистички активности и распуштање на разните вон-институционални, а и незаконски, одбори за одбрана. Незаконски, бидејќи согласно Уставот, Министерството за одбрана заедно со Врховниот командант на Армијата се единствени задолжени за одбрана на земјата. Овој чекор е повеќе симболичен одошто практичен бидејќи насобраните вечерни толпи никој не ги зема за сериозно, но би бил чекор во правилна насока кој би придонел за смирување на ситуацијата.

Следните чекори треба да водат кон чесно напуштање на власта. Со оглед дека причините за политичката криза се политички а не судски, потребно е отфрлање на тужбите и контратужбите. Судиите не се избрани и платени да носат решенија за политички проблеми! Понатаму, Никола Груевски може ефективно да го искористи своето најмоќно оружје, пенкалото, и да се ослободи од сите оние кои со својата работа во Владата придонеле или придонесуваат за зголемувањето на тензиите или пак предлагаа непромислени законски решенија кои буквално дигнаа на бунт широки слоеви на општеството.

Следен чекор треба да биде, во договор со Зоран Заев, формирање на некаква преодна Влада на која сигурно ќе ѝ требаат повеќе месеци, можеби и повеќе од една година, да ги доведе институциите на ниво кога би можеле да организираат избори кои би произвеле веродостојни резултати, после кои избори би можело повторно да се формира Македонското Собрание. Новото Собрание треба да биде составено од пратеници кои нема да бидат уценети, со максимална контрола врз тајната полиција, каде се потребни сериозни реформи, а за Владата да важат временски лимити за премиерската и другите функции, забрана за членување на избрани државни функционери во партиски органи и тела (како што впрочем беше за време на СКМ додека го водеше Петар Гошев), Јавен обвинител кој би го предлагал најголемата опозициона партија а би го избирал Парламентот, и други реформи кои би ја зајакнале улогата и независноста на опозицијата и принципот на проверка и рамнотежа, а би го минимизирало вон-институционалното влијание на политичките партии врз извршната власт.

После сето ова состојбите нема да бидат совршени, но можеби ќе се приближат до стремежот за градење слободно и демократско опшество.

Колумнава е посветена на Никола Младенов

„Одвреме-навреме дрвото на слободата треба да биде освежено со крвта на Патриотите и Тираните“, Томас Џеферсон

Поврзани новости