Естрадниот менаџер Хари Сековски, направи голема јубилејна забава во Швајцарија, во популарната дискотека Палма во Берн.
Поводот за славење беше неговата 20-годишнина на менаџерската сцена, период во кој тој успеал да ги донесе и да им организира концерти речиси на сите македонски и балкански музички ѕвезди во Швајцарија. Со цел да направи настан кој ќе се памети, тој на забавата поканил голем број на наши музички ѕвезди, кои исполнуваат различни жанрови на музика, од реге, фолк до рап. Тајзи, Ирена Спасовска, ДНК, Благоја Грујовски, Елена Велевска, диџеј Гуру Микс, Бобан Мојсовски, Стојне Николова и многу други биле само дел од гостите кои настапиле во Палма во саботата навечер.
Музичарите задоволни од дочекот и организацијата, се согласуваат дека Хари повторно направил спектакл и како различните музички правци воопшто не биле пречка да им понудат на гостите еден малку поразличен настан, каде без оглед на тоа дали некој слуша фолк или рап, сите се забавувале.
Сековски е познато лице на естрадната сцена помеѓу балканската дијаспора. Во деведесеттите години на минатиот век работел во радио станица во Прилеп, и тогаш започнал да прави емисии во живо од разни локали и кафулиња, каде се одржувале избори за мис, музички натпревари и концерти. Откако се оженил во Швајцарија, започнал соработка со наши културни друштва и започнал да организира концерти за музичарите од земјава, но и од регионот. Соработувал со Тоше Проески, Каролина Гочева, Ребека, Слаткар, Врчак, Елена Ристеска, Дуле и Коки, Ламбе, Тони Зен, Ферус, Влатко Лозаноски, Адриана Алачка, Северина, Саша Матиќ и многу други.
Вики Клинчарова