Маја Иванова се сретна со кралицата на стилот

by Fokus

Претседателот Ѓорге Иванов и неговата сопруга Маја (54) викендов беа во официјална посета на Јордан.

Кралицата на Јордан, Ранија Ал Абдулах (48), која е позната како една од најубавите и секогаш средени со стил жени, на својот Инстаграм профил објави заедничка фотографија со нашата прва дама, под која напиша – Со првата дама на Република Македонија во палатата Ал Хусенија, каде што неговото величество ги прими претседателот и неговата сопруга.

Кралицата Ранија, со својот префинет изглед и одлично изграден моден стил секогаш го привлекува вниманието на јавноста. За средбата со Иванова таа се одлучила за долг фустан во темно виолетова боја и светкави темно сини елегантни салонки, и комбинацијата се покажа како вистински моден погодок, кој и донесе огромен број на комплименти на кралицата.

За разлика од неа, Иванова пак, се одлучила за костим во светла крем боја, со должина која делумно ги открива колената, во комбинација со салонки на ниска потпетица, во потемна крем нијанса. Околу тоа кој се грижи за модниот стајлинг на Маја Иванова изминативе години, посебно за време на официјалните средби, нема информација, но пред повеќе години таа јавно откри дека за нејзината гардероба е задолжена Бубе Ристевска.

Во интервју од пред седум години за дневниот весник Вест, нашата прва дама раскажа дека ги сака класичните стилови, елегантни костими со прави линии и форми, со малку детали.

-Го почитувам правилото помалку е повеќе. Сега за стилот на облекување се грижи мојата драга пријателка Бубе Ристевска, која и ми ја креира и ми ја шие гардеробата. Инаку, купувам облека и од домашни брендови, како што е скопска ,,Бела” и штипските ,,Грација” и ,,Астибо”. Редовно посетувам фризер, а кога станува збор за јавен настан, ги користам услугите и на професионален шминкер. Практикувам да го облечам она што го бара протоколот, а тоа е костим во потемна боја за официјални вечери. Интересно беше на официјалната вечера за време на престојот во Чешка каде што ни беше кажано дека жените треба да бидат облечени во долги тоалети, а мажите да имаат вратоврска пеперутка. Обично практикувам, во зависност од настанот, да не мешам нијанси. Единствено при посетата на Ватикан, беше нагласено колку треба да биде долго здолништето, колку треба да биде покриена главата, какви чевли треба да се носат, да не бидат отворени. Мене ниедно патување, во однос на гардеробата, не може да ме изненади. Во поканата сè е напишано – времетраење на посетата и активности. И знам, во зависност од деновите и програмата, што да земам. Колку пати ќе треба да се појавам јавно. Затоа, кога тргнувам, со себе носам и по неколку костими- раскажуваше тогаш Иванова за својот начин на облекување за време на официјалните претседателски средби.

Кралицата Ранија важи за една од најстилизираните жени во светот и дизајнерите ја нарекуваат Кралицата на стилот. Нејзините модни комбинации редовно се дел од светските модни медиуми, и многу често парчињата облека во кои таа се појавува, за кратко време стануваат едни од најбараните на пазарот. Таа е модна икона, која соработува со многу светски познати дизјанери. Она што е интересно за кралицата, која е мајка на четири деца, две момчиња и две девојчиња на возраст од 24, 21, 17 и 13 години, е нејзината активност на социјалните мрежи. Користи Инстаграм, Твитер и Фејсбук, а нејзните фотографии за помалку од неколку часа редовно добиваат и по неколку стотици илјади допаѓања.

Застапник е на идејата дека муслиманската жена треба да носи превез по нејзин избор, а не наметната обврска, бидејќи жената има право на тоа, и одликувана е со многу признанија од јорданската влада за нејзината работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости