Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) изразува огромна загриженост и најостра осуда на развојот на последните настани по повод изборите за нов претседател на Студентскиот парламент при УКИМ.
„Национален младински совет на Македонија и претходно предупреди дека изборите за нов претседател на СПУКМ беа нетранспарентно распишани во многу кус период и време кога голем дел од студентите ги напуштија кампусите и апелираше на преиспитување на постапката и внимателност, а вчерашните настани покажаа дека истите не беа спроведени ниту во фер, а уште помалку во демократски услови. Синоќешните случувања исто така беа уште еден показател дека младинското учество, еднаквите можности за сите млади, вредностите на кои се темели младинското здружување, како и безбедноста на младите се загрозени и истите мора најостро да се осудат“, се наведува во реакцијата на НМСМ.
Од таму бараат ректорската управа на УКИМ да се произнесе за транспарентноста и демократичноста на овие избори, да се произнесе за легитимитетот на новоизбраниот претседател на УКИМ и да преземе одговорност за ограничувањето на младинското учество, необезбедувањето еднакви можности за сите студенти и да се произнесе по прашањето како во иднина ќе гарантира безбедност за своите студенти.
Воедно советот апелира МНР да ги преиспита мерките кои ги употребува за справување со вакви кризни ситуации и околности и повикува на воздржување од насилство и методи на заплашување на младите.
НМСМ повикува на заедно вклучување на сите засегнати страни, особено институциите во демократизација на студентските и сите младински процеси, заедно да ги преиспитаме вредностите во општеството во кое живееме, заедно да ги поддржиме младите и недвосмислено да ги штитиме нивните интереси.