Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје по синоќешниот грабеж во банката изјави дека средствата на клиентите се безбедни и дека очекува брз и позитивен исход од истрагата.
„ Согласно информациите, кои се проширија во јавноста за истрагата за инцидент настант во НЛБ Банка АД Скопје, она што е најважно е да ве информирам и ве уверам дека сите наши клиенти и колегите вработени на нашата банка се сигурни. Сите средства на нашите клиенти се апсолутно безбедни и клиентите не треба воопшто да се загрижени. Банката ги има превземено сите мерки за осигурување на своите редовни активности“, вели претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка.
Тој тврди дека во моментот соработуваат целосно и активно со надлежните власти.
„Соработката е конструктивна и многу професионална, и се надеваме на брз и позитивен исход од истрагата. Како не би го попречувале напредокот на истрагата, во овој момент не би можеле да коментираме повеќе за настаните се до крајот на истата, сепак сите понатамошни информации треба да дојдат од надлежните истражни органи. Уверено можам да изјавам дека, настанот нема влијание на секојдневното тековно работење на Банката и НЛБ Банка АД Скопје ја продолжува својата успешна работа, како креатор на современи и сигурни банкарски услуги за нашите клиенти, истовремено постигнувајќи одлични финансиски резултати, како и досега“, вели првиот човек на Управниот одбор на НЛБ Банка Антонио Аргир.
Како што објавивме претходно, според полициски информации, синоќа околу 19 часот во полициската станица во Кисела Вода бил приведен Б.С. (40), вработен во НЛБ Банка кој е осомничен дека од трезорот украл 2 милиони франци и 270 илјади евра и избегал.
Случајот вчера околу 17 часот во полиција го пријавил директорот на трезорот на банката.