Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска и пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов во текот на целото гостување на телевизија Телма водеа жестока дебата, но кога дојде прашањето на патните трошоци, како да се најдоа на иста страна. И двајцата одговорија дека не знаат колку точно инкасирале од ставката патни трошоци во изминатите години.
Кузмановска рече дека оваа година земала стан во Скопје и го користи правото на кирија, а патни трошоци зема само за викенд кога патува во својот роден град. Вели дека сега тие трошоци не се повеќе од 2-3 илјади денари месечно. Но, не ја памти сумата која ја земала пред да почне да живее во Скопје.
Ниту нејзиниот колега од СДСМ, Костадинов не се сеќава на сумата која ја земал за патни трошоци.
-Не знам околу износите, но секако согласно законите. Ние сме пратеници и имаме одредени права и обврски. Доколку некој ден дојде решение, и се согласиме за кратење, тоа ќе го направиме. Јас дојдов многу покасно во Парламентот. Секако, кога ќе дојдат нови пратеници може да размислуваат и за друго решение, вели Костадинов.