Судијата Туфегџиќ: Обвинителството да отвори финансиска истрага за трошењето на буџетски пари во СЈО!

by fokus

По денешната информација на „Призма“ дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева земала вкупно 157.000 евра, како додаток, надвор од редовната плата, податок кој досега се класифицираше како таен, со реакција се јави судијата Владимир Туфегџиќ.

-Благодарение на новата апликација на Министерството за финансии, јавноста дозна за исплатените плати и додатоци на плати на специјалните јавни обвинители во изминатите четири години. Во досегашните шестмесечни финансиски извештаи на СЈО, кои се достапни и доставени до Собранието, не успеав да прочитам дека е прикажана исплата по основ “ДОДАДОК ЗА ДОВЕРЛИВОСТ“ и други основи по кои се исплатувани додатоци на плата на специјалните јавни обвинители.

Најмалку што очекувам од Јавното обвинителство е веднаш да отвори финансиска истрага за трошењето на Буџетските пари во мандатот на СЈО, како и да ги испита наводите околу постоењето, потребата и намената на посебната каса во ова јавно обвинителство, и при тоа да го примени истиот принцип на ефикасност и итност во постапувањето како што тоа го направи пред извесно време према претседателот на Судско Буџетскиот Совет, поради индиции за незаконита одлука и исплата на надоместоци на плати на судии, вели судијата Туфегџиќ.

Министерството за финансии завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева.

Најголем дел од дополнителните средства таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.

Инаку, додатокот за доверливост е предвиден со Законот за СЈО, а Јанева со посебна одлука лично го одредувала износот.

Поврзани новости