Концертите во Белград и во Загреб на српската турбо-фолк пејачка Александра Пријовиќ деновие се актуелна тема во регинот.
Пејачката која има само 28 години и е присутна на сцената од 2010 година, по учеството во шоуто ,,Ѕвездите на Гранд” е вистинско изненадување според интересот на публиката. Покрај успешните три концерти во Штарк Арена во Белград, каде живее, таа покажа дека и во Хрватска е доста слушана, и стана првата пејачка која успеала да распродаде пет концерти во Арена Загреб, место каде настапуваат најголемите музички ѕвезди од Хрватска и регионот.
Загрепска Арена има капацитет од околу 24.000 посетители, во зависност од продукцијата на изведувачот. Во минатото, Дино Мерлин има одржано шест концерти во Арена, но во тек на целата негова кариера, односно во 2011 и 2016 година, а распродал и четири концерти кои треба да се одржат наредната зима.
Пет пати во кариерата пеел и Здравко Чолиќ, и тоа во 2009, 2015, 2018 и лани, кога одржа два концерти еден по друг. Ѓорѓе Балашевиќ има одржано четири концерти, и Саша Матиќ и Халид Бешлиќ исто така четири.
По два или три концерти имаат одржано Северина, „Парни ваљак“, „Прљаво казалиште“, „Џибони“, Тони Цетински, Петар Грашо…
Концертите на Пријовиќ во Загреб ќе се одржат во рок од една недела, на почеток на декември, со што таа е единствената која ќе пее петпати во Арена за само една недела.
Песните на младата пејачка се во турбо-фолк стил, и интересот на хрватската публика за нејзината музика е изненадувачки, посебно поради тоа што од таму потекнуваат голем број на популарни рок и поп групи кои оставиле голем белег во музиката на екс Ју просторите.
Верувањето дека во Хрватска не се слуша турбо-фолкот, и земјата е лулка на квалитетна музика, каде дури летово беа забранети гостувања на Јелена Карлеуша и Аца Лукас, се разниша со експресно распродадените концерти на Пријовиќ.
Турбо-фолкот, најчесто опишан од музичките критичари како правец без музичка вредност и квалитет, очигледно е прифатен и од пошироката хрватска публика, и тоа во Загреб, каде своевремено гостуваа легендарните ,,Ролингстоунси”, Дејви Боуви, ,,U2”, ,,Металика”, ,,Ред Хот Чили Пеперс”, Бон Џови и многу други регионални рок ѕвезди. Тие настапуваа во Хиподром и Максимир.
Токму во Загреб, на плоштад се одржа и еден од најпосетените концерти во Хрватска, кога над 150.000 публика присуствуваше на настапот на „Прљаво казалиште“, со кој беше означен почетокот на крајот на Југославија во 1989 година.
Вики Клинчарова