Ниту 90 пратеници не се гаранција за една изборна единица

by Фокус

Измените на Изборниот законик со кои се предвидува воведување на една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии, се на дневен ред на утрешната Собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање. И покрај декларативната поддршка од поголемите партии, сепак, епилогот од овој процес е неизвесен поради недостиг на широк консензус.

Еден од иницијаторите на законските измени е првиот човек на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој истакна дека процесот на услогласување траел речиси една година. Затоа, тој очекува Предлог законот да помине на Комисијата, бидејќи, според него, текстот е целосно поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а и СДСМ даде начелна согласност. Сепак, и самиот не исклучува и блокада.

-Гледано според јавните изјави, повеќе од 90 пратеници ги поддржуват промените, Македонија да биде една изборна единица, пропорционален модел и пресметката за пратеници да се одвива преку Д’Онтовиот модел. Така што можно е да се донесе, не викам не, но можно е некој да го блокира законот – рече Трајанов.

Арбр Адеми од ДУИ го повтори партискиот став дека за измени на вакви значајни, важни законски решенија, потребен е поширок меѓуетнички и меѓупартиски консензус. Патем, тој порача дека не се за промена на постојниот изборен модел со шест изборни единици

-Кога се работи за изборниот модел и Изборниот законик треба да потврдам дека не постои усогласеност околу овој предлог закон. Пак ќе повториме дека треба сите политички партии да седнат, да разговараат за сите прашања за кои постои интерес помеѓу различните политички партии. Настојуваме дека изборниот модел треба да ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество и мислиме дека постоечкиот модел со шест изборни едници тоа најдобро го отсликува – вели Адеми.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори.

-Спремни сме да разговараме како на најдобар начин да се одрази и да се прелее народната волја овде во Собрание за конечно да добиеме една легитимна и народна власт која што ќе се грижи онака како што треба и за здравството, и за економијата и за сите аспекти на општествениот живот – рече пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Алијанса за Албанците, пак, најавуваат блокада на законот со амандмани.

Поврзани новости