Осудениот на ниска казна за упадот во Собрание што се случи на 27 април, Александар Василевски Нинџа, пред судот признал дека му помогнал во бегството на поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои се осудени во предметот за масовното прислушување.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ велат дека Нинџа е осуден на шест месеци затвор откако признал вина, односно признал дека сторил кривично дело „помагање на сторител при вршење на кривично дело“.
Нинџа првично беше осуден на осум години затворска казна, иако за делото за кое се товареше минималната предвидена затворска казна е десет години. Апелација потоа му ја намали казната на седум години.
Тој беше клучен сведок во судењето за упадот на 27 април во Собрание, а опозицијата обвинуваше дека целото обвинение се темели на неговиот исказ.
На судењето за 27 април тој тврдеше бил човек на тајната полиција, донесен од Грујевски и Бошкоски, иако никогаш не бил вработен во службите.
Исто така тврдеше и дека по упадот во Собрание под притисок на Грујевски избегал, но и покрај тоа што го убедувал да не се предаде, одлучил да се јави сам во полицијата.
Горан Грујевски и Никола Бошкоски се избегани во Грција, а тамошниот Врховен суд донесе одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија поради помилувањето на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов.