Александар Василевски -Нинџа, кој беше осуден за случајот „27 април“, но доби најмала казна, поради тоа што соработуваше со Обвинителството, сега за клевета го тужи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Нинџа во тужбата наведува дека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во јавните настапи му ја загрозиле безбeдноста и му предизвикале страв, а капак на се била изјавата на портпаролот Стоилковски.
Поточно, Нинџа се почувствувал наклеветен од изјавата на Стоилковски, која ја дал пред Министерството за правда, во декември минатата година:
-Лицето Александар Василевски доби ослободување од страна на Пендаровски за лажните сведочења за случајот „27 април“ каде луѓето кои лежат 211 години се осудени врз основа на негова лажна изјава, а тој се договара со Заев и Маричиќ да биде помилуван…
Нинџа тврди дека ваквата изјава кај него предизвикала чувство на загрозеност и страв, тврдејќи дека не било точно дека тој ги наклевети останатите обвинети. Вели дека и самиот бил обвинет во случајот, а не бил сведок на обвинителството.
Потпаролот Стоилковски пак реагира на начинот на кое се оддржало вчерашното рочиште во Граѓанскиот суд, односно судијката не овозможила тонско снимање на расправата. Исто така Стоилковски реагира и дека незаконски бил избркан од судницата и тоа во моментот кога бил сослушан тужителот. Додека пак го давал исказот, судијката го предупредила да не чита, бидејќи пред него имало лист хартија. Поради сето ова, адвокатката на тужениот, Ружица Николовска побарала изземање на судијката, по кое треба да одлучи претседателот на судот.
-Прво судијката не овозможи тонско снимање на расправата, а потоа при давањето на изјавата на тужителот бев избркан од судница, што е недозволиво, бидејќи имам право не само да го слушнам што ќе каже, туку и да му поставам прашања. Потоа судијката не ми дозволи да дадам исказ онака како што сметав дека треба, ни изјави Стоилковски.
Тој демантира дека го наклеветил Нинџа.
-Во списокот кој беше доставен од Министерство за правда до претседателот на државата беше наведено и името на тужителот, односно беше наведено „осуден за тероризам Александар Василевски- Нинџа“. И баш со таа прес-конференција покренавме една општа дебата во јавноста заради која што не дојде до такво потпишување, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој појаснува дека Нинџа, доколку се почувствувал обесправен, требало да го тужи Министерството за правда или претседателот, што не го помилувале.
-Апсолутно во случајот нема клевета и навреда, бидејќи факт е дека Обвинителството го користи како сведок и во други процеси кои потекнуваат од 27 април, вели Стоилковски.