Доколку проблемот беше решен и Грција имаше сосед кој е веќе во Европската Унија или НАТО досега соработката меѓу двете страни за проблемот со бегалците и мигрантите ќе беше многу полесна, потенцираше медијаторот Метју Нимиц во интервју за грчката телевизија Скај.
-Од една страна ова прашање го одзема целото внимание на лидерите во секоја земја, го одзема фокусот од спорот за името, но во посуштинска смисла мигрантското прашање, прашањето за границите и огромните обврски кои ги имаат двете држави за оваа тема го прави решавањето на спорот за името уште понеопходно. Ако замислите ситуација каде спорот за името е решен, двете држави би имале многу подобра врска, Поранешната југословенска република Македонија да беше во процес на пристапување кон ЕУ, или во ЕУ или можеби во НАТО, соработката и координацијата ќе беа многу полесни, рече Нимиц.
Нимиц отворено истакна дека владите во двете држави се преокупирани со други теми, како бегалската криза, внатрешните проблеми, поради што во преговарачкиот процес има пауза. Сепак, тој рече дека е во постојана комуникација со преговарачите, но и со други кои се заинтересирани да помогнат во преговорите и разгледува кое би било најдобро време одново да се активира преговарачкиот процес.